Откако во Гостивар беше прогласена епидемија на цревни инфекции поради загадената вода од градскиот водовод, можна е појава и на жолтица како последица, предупредуваат од Комисијата за заразни болести.
Од Комисијата велат дека будно ја следат ситуацијата со епидемијата во Гостивар и здравствената слика кај пациентите што изминатиот период се јавија во болниците поради стомачни тегоби и посочуваат оти во актуелната ситуација не смее да има општуње ниту кај Гостиварци, ниту кај здравствените власти.
-Ние како Комисија алармиравме навреме да не се опушти здравствениот систем, оти можно е покрај овие цревни причинители да имаме појава и на хепатит А, но и на хепатит Е, за што нормално благовремено е известено Министерството (за здравство) и здравствените власти во државата – вели д-р Жаклина Шопова, инфектолог и членка на Комисијата.
Според неа, може да има многу причинители за болест и ваквата слика не е невообичаена кај ваквите епидемии, кога во организмот може да се најдат различни вируси и бактерии поради мешање на чиста и неисправна вода, но, додава дека одговорот кој е „виновникот“ кој точно го разболел секој пациент, никогаш нема да се добие.
Конкретните причинители во конкретниот случај, вели д-р Шопова, се изолирани со најсофистицирана метода што се применува секаде во светот.
-Златен стандард по однос на бактериите е копрокултурата. Како што сте известени од министерот, нормално и од другите релевантни институции, вие знаете дека копрокултирите сега-засега кај сите пациенти се негативни. Што значи тоа? Да, имаме присуство и на бактерии, имаме присуство и на вируси, но кој е виновникот? Тоа досега во светот никој не го кажал при вакви хидрични епидемии, не очекувајте дека некој ќе го даде тој одговор сега засега – додава таа.






