Д-р Нико Беќаровски се огласи по информацијата дека во водата од градскиот водовод во Валандово е измерена концентрација на арсен од 14 ppb, што е околу 40 проценти над максимално дозволената граница според препораките на Светската здравствена организација (10 ppb).
Во објава на социјалните мрежи, Беќаровски објаснува дека ризикот зависи од тоа колку долго се консумира ваквата вода и апелира граѓаните да не паничат.
„Краткорочното консумирање, неколку дена или недели, кај најголемиот дел од населението не претставува здравствен ризик и нема да предизвика никакви симптоми. Нема никаква потреба граѓаните да трчаат по лекари, бидејќи акутно труење со арсен настанува при концентрации кои се илјада пати повисоки“, наведува Беќаровски.
Тој посочува дека водата е безбедна за техничка употреба и туширање, но предупредува дека вриењето на водата или користењето обични филтри за чешма нема да ја намали концентрацијата на арсен.
Според него, опасност постои само доколку ваквата вода се користи за пиење во период од повеќе години или децении. Во таков случај може да се појават знаци на хронично труење, како што се темни пеги на кожата, задебелување на кожата на дланките, висок крвен притисок, инсулинска резистенција, трнење на екстремитетите, како и зголемен ризик од одредени малигни заболувања.
Беќаровски потенцира дека наместо да се доведува во прашање точноста на анализите, институциите треба да го пронајдат изворот на контаминацијата и, доколку е потребно, да обезбедат алтернативен извор на вода за граѓаните.
„Нема апсолутно никаква потреба од паника и страв, но ако резултатите се континуирано високи, мора да се најде причината или да се обезбеди алтернативен извор за граѓаните. Нема потреба да се тврди дека резултатот можеби е грешен, туку напротив – да се бара изворот на загадувањето“, порача Беќаровски.
Во објавата тој упати порака и до жителите на Гостивар, посакувајќи им што поскоро да добијат безбедна вода за употреба, додавајќи дека водата за пиење е премногу вреден ресурс за управувањето со водоводните системи да се препушта на импровизација и неодговорност.






