Директорот на Републичкиот фонд за пензиско и инвалидско осигурување во Србија (ПИО), Реља Огњеновиќ, најави дека државната финансиска помош за пензионерите ќе биде исплатена најдоцна до 15 септември.
Информацијата беше соопштена на трибина организирана во белградската општина Раковица, на која присуствуваа повеќе од 300 пензионери.
Огњеновиќ изјави дека ПИО фондот, во соработка со Министерството за финансии и Министерството за труд, работи на законските измени потребни за реализација на исплатата.
„Се надевам дека најдоцна до 15 септември ќе биде исплатена оваа голема помош, која ќе биде најголема досега за пензионерите во Србија“, изјави директорот на ПИО фондот.
Тој нагласи дека ваквите средби се важни бидејќи овозможуваат пензионерите директно да ги изнесат своите предлози, забелешки и потреби.
Претседателот на Сојузот на пензионери на Србија, Андреја Савиќ, истакна дека само во општина Раковица има повеќе од 25.000 пензионери, односно секој четврти жител е корисник на пензија. Според него, голем дел од предлозите изнесени на ваквите трибини досега биле прифатени.
Од ПИО фондот посочуваат дека целта на овие средби е пензионерите да бидат навремено информирани за сите актуелни прашања од областа на пензиското и инвалидското осигурување, како и за мерките што треба да придонесат за подобрување на нивниот животен стандард.






