Силно невреме, проследено со бурен ветер и пороен дожд, го зафати Скопje во текот на изминатиот ден и предизвика оштетување на еден од најпрепознатливите симболи на градот.
Станува збор за симболот на градот – часовникот на старата железничка станица, денес Музеј на градот Скопје, чии стрелки веќе 61 година се запрени во моментот на катастрофалниот земјотрес од 1963 година.
На терен се забележува дека едната стрелка на часовникот е сериозно оштетена и деформирана како последица на невремето. Часовникот со децении стои „нем сведок“ на настаните од 26 јули 1963 година, покажувајќи го точното време – 05:17 часот – кога разорниот земјотрес го срамни градот со земја.
За скопјани, овој часовник не е само историски експонат, туку и емотивен потсетник на страдањето на градот, но и на солидарноста што го издигна од пепелта.






