Претседателката на Индија, Друпади Мурму, оцени дека нејзината официјална посета на Македонија претставува важен чекор кон продлабочување на билатералните односи и отворање ново поглавје во соработката меѓу двете земји.
Таа истакна дека посетата ги потврдила пријателските односи, заедничките вредности и взаемната почит што ги негуваат Македонија и Индија, изразувајќи уверување дека партнерството ќе продолжи да се развива во повеќе области од заемен интерес.
„Уверена сум дека оваа посета ќе отвори ново поглавје во нашите билатерални односи, ќе ги зацврсти партнерствата меѓу Македонија и Индија и ќе ги подигне на едно повисоко ниво“, порача Мурму.
Таа нагласи дека двете држави ги поврзуваат традиционално добрите односи, засновани на меѓусебна доверба, пријателство и почит, како и заедничка посветеност на мирот, демократијата и меѓународната соработка.
Посетата на индиската претседателка се оценува како значаен дипломатски настан, кој се очекува да придонесе за интензивирање на политичкиот дијалог и за проширување на економската, образовната, културната и технолошката соработка меѓу двете земји.






