Амбасадор на Индија во Македонија, Арун Кумар Саху, во интервју за ТВ Сител, вели дека контроверзниот бизнисмен Субрата Рој е минато, и порача дека поради еден лош пример – не може да се оцрни цела деловна заедница на Индија.
Интервјуто со амбасадорот доаѓа во пресрет на утрешната прва официјална посета на претседателката на Индија, Дрипади Мурму, во Македонија.
Таа ќе биде придружувана од висока официјална делегација која, според најавите на амбасадорот, вклучува еден министер, двајца пратеници, високи функционери, но и бизнис делегација од околу 40 луѓе од различни области.
На новинарско прашање како, покрај лошите искуства, граѓаните да поверуваат дека индискиот бизнис не е само Субрата Рој, амбасадорот кажа:
„Тоа е веќе историја, Субрата Рој сега е минато. Еден, да речеме, лош пример, не може да ја оцрни целата деловна заедница на една растечка светска економија. Нашите бизнисмени работат низ целиот свет – во Северна Америка, Западна Европа, нордиските земји, и Источна Азија. Затоа мислам дека само поради едно негативно искуство со конкретен субјект, кој не е ни државен, туку деловен, не треба да имате таков страв, затоа што другите околу вас немаат таков страв.“
Инаку, Субрата Рој стана познат за македонската јавност за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ на чело со Никола Груевски. Тогашниот премиер го најави како голем инвеститор во македонската економија, но тие инвестиции никогаш не се реализираа. Дел од нив беа хотелски комплекс во Охрид и развој на сточарската индистрија во Џумајлија. Тој во неколку наврати го посети Охрид, каде ги претстави амбициозните проекти во туризмот и земјоделството. Рој почина во 2023 година.






