Членовите на гостиварскиот општински совет едногласно ја изгласаа одлуката за доделување средства на Црвениот крст. Оваа организација ќе врши дистрибуција на вода за пиење, пробиотици и други неопходни средства за граѓаните кои се загрозени од епидемијата.
Покрај оваа одлука, членовите на советот на вонредната седница низ куси дискусии ја разгледаа состојбата настаната по прогласувањето на епидемиска состојба на територијата на Општина Гостивар. Во дискусиите беше кажано дека ова не е време за добивање на политички поени, туку време кога треба да се покажат на дело солидарноста и заедништвото. Беше даден и конкретен предлог, пробиоците да се достават до болницата, бидејќи таму најдобро знаат да ги дозираат и даваат како терапија.
Беше поздравено и формирањето на кризниот штаб, кој најверојатно наскоро ќе се состане и ќе се преземат конкретни мерки. Дел од советниците во дискусиите истакнаа дека на граѓаните им се потребни одговори на прашањата околу можноста за употреба на водата и какви се резултатите од анализите на водата од гостиварскиот водовод.






