Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава против 39 годишна поранешна претседателка на Комисијата за проверка на условите за одгледување медицински канабис во Министерството за здравство, поради тоа што било утврдено дека не ги спроведувала законски предвидените контроли, па така фирма за производство на медицински канабис во Свети Николе произвела 56 килограми канабис повеќе од дозволеното.
Според информациите на МВР ова се случувало во периодот од 18 ноември 2022 година па се до 21 август 2024. Иако имала обврска да направи најмалку две контроли од моментот на сеење па се до бербата, поранешната претседателка не ги направила.
– И покрај доставените известувања од правното лице во текот на 2022 година и 2023 година, пријавената не презела дејствија за вршење на законски пропишаните контроли, постапувајќи спротивно на член 29-б став 5 точка 3 и член 29-в став 5 од Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции, со што му овозможила на правното лице да оствари вишок на производство од 56 килограми канабис, констатиран со записник за извршена контрола од 19.02.2025 година.
Телевизија 24 побара одговори и став и од министерството за здравство но до објавување на овој прилог не добивме одговор.
Засилените контроли во фирмите кои имаат лиценца за одгледување на медицински канабис почнаа по големиот скандал што се случи на почетокот на годинава кога од Македонија беа изнесени 5 тони марихуана во Србија. Досега според информациите на министерството за здравство одземени се 9 лиценци на фирми кои одгледуваат канабис.
Во однос на истрагата со извезените пет тони марихуана од Македонија, од основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција велат дека засега нема нов момент. Објаснуваат дека истрагата е во тек и активно се постапува против шест лица, од кои двајца се во притвор.
По скандалот со петте тони марихуана полицијата спроведе неколку акции низ повеќе градови во Македонија и запленија повеќе од 40 тони нелегално произведена марихуана.






