58-годишен државјанин на Македонија е обвинет дека лажно се претставувал како лекар и притоа измамил шест лица за вкупна сума од 41.400 евра, објави хрватскиот портал „Индекс.хр“.
Според обвинението на Државното обвинителство на Република Хрватска (ДОРХ), кривичните дела биле извршени во јуни и јули 2025 година во Загреб, при што обвинетиот дејствувал заедно со засега непознати лица.
Обвинетиот, телефонски ги контактирал оштетените и лажно им се претставувал како лекар, тврдејќи дека членови на нивните семејства се тешко повредени во сообраќајни несреќи и дека се потребни пари за покривање на трошоците за лекување.
Откако оштетените ќе се согласеле да платат, обвинетиот или неговите соработници ги преземале парите.
Со измамата биле оштетени шест лица, а вкупната материјална штета изнесува 41.400 евра.






