Денот среда 15 јули во Македонија ни носи не во целост стабилна атмосфера како изминативе неколку денови. Тоа значи дека поради продор на малку поладен воздух на висина кој ќе продре од север во Македонија, во попладневните часови ќе се создаваат услови за локален развој на конвективни облачни грмотевични јадра од кои очекувам појава на пороен дожд, грмежи и засилен ветер.
Ваквата појава особено ќе биде присутна во западните и во северозападните планински предели, каде ќе има услови за појава на локално краткотрајно невреме проследено со обилен пороен дожд, силен ветер, силни електрични празнења и со услови за појава на град.
Во делови од Скопскиот регион и од котлината во среда, 15 јули во попладневните часови ќе има услови за развој на краткотрајна нестабилност проследена со пороен дожд, грмежи и засилен ветер.
Што се однесува до температурите на воздухот, тие наутро ќе се спуштаат во интервалот од 10 до 20 степени, а преку денот температурите ќе се искачуваат во интервалот од 30 до 38 степени. Во Скопје и околината наутро температурата ќе се спушти до околу 17 степени, а преку денот таа ќе се искачи до околу 35 степени, соопшти Славчо Попоски.






