Целосна реконструкција на објект во „Ќојлија“, Домот на АРМ и хотелот „Шар“, реконструкција на воениот стадион и спортските терени, како и изградба на нова спортска сала во Воената академија, најави денеска министерот за одбрана Владо Мисајловки, кој денеска беше на увид во градежните работи во касарната „Ќојлија“.
– Во „Ќојлија“ целосно се реконструира нов објект, во кој вложуваме над 10 милиони денари. Во текот на оваа година реализираме околу 20 проекти со вкупна вредност од над 3 милиони евра – рече Мисајловски.
Тој информираше дека е подготвена техничка документација за повеќе капацитети, меѓу кои Домот на Армијата и хотелот „Шар“, а следната година ќе започне нивната целосна реконструкција.
– Станува збор за десетици милиони евра инвестиции. Присутни сме во сите касарни, се заменуваат покриви, се градат нови капацитети за модернизација, за новите возила и артилеријата-додаде министерот.
Мисајловски најави дека реконструкцијата во „Ќојлија“ ќе биде завршена во септември, а паралелно се работи и во Велес, Прилеп и Штип.
– По 30 години без интервенции, денеска гледаме градежен бум. Приоритетите ги поставува Армијата, а ние обезбедуваме средства од буџетот – рече Мисајловски.
Тој посочи дека капиталните проекти ќе продолжат со реконструкција на воениот стадион и спортските терени, како и изградба на нова спортска сала во Воената академија.
– Модернизацијата ќе биде над 30 проценти од буџетот, но паралелно мора да вложуваме и во инфраструктурата – истакна Мисајловски, додавајќи дека реконструкција се врши и во Службата за разузнавање.
Тој информираше дека истата компанија веќе работи и во воениот медицински центар, каде што ќе се подобрат условите во лабораториите.
Посебен акцент стави на проектот за Домот на Армијата, за кој е подготвена проектна документација со проценета вредност од околу десет милиони евра.
– Станува збор за огромен капитален проект кој никогаш досега не бил започнат. Планираме целосна реконструкција на големата сала и сите внатрешни капацитети, со можност објектот да биде отворен и за граѓаните и медиумите-истакна министерот.
Министерот пренесе и дел од разговорите од неодамнешниот самит во Анкара, каде што биле разгледувани предизвиците за зголемување на буџетите за одбраната кај повеќе земји.






