Фото: DuckDuckGo
Интернет прелистувачот DuckDuckGo доби нова можност која автоматски ги блокира повеќето видео реклами, вклучувајќи ги и оние на YouTube. Оваа опција е веќе стандардно активирана за корисниците на оперативните системи iOS, Windows и macOS, со услов апликацијата да биде ажурирана на најновата верзија.
За корисниците на Android функцијата наскоро ќе биде вклучена стандардно, а во меѓувреме тие можат рачно да ја активираат преку менито за заштита од реклами во поставките.
Новата алатка е дизајнирана да ги спречува комерцијалните содржини што се прикажуваат пред почетокот или во текот на самото видео, овозможувајќи преглед на содржините без вообичаените прекини. Бидејќи блокирањето се одвива директно на вебстраницата на YouTube преку прелистувачот, корисниците го задржуваат комплетното вообичаено искуство.
Ова значи дека и понатаму се достапни сите стандардни опции, како што се паметењето на историјата на гледање и зачувувањето на точната позиција во плејлистите.
Оваа надградба се приклучува кон веќе постоечките решенија за заштита на приватноста во прелистувачот, кои вклучуваат блокирање на реклами базирани на следење на корисниците и автоматско менаџирање со „попап“ прозорци за колачиња во позадина.
Контролата врз блокирањето на рекламите е флексибилна и корисниците можат да ја деактивираат или повторно да ја вклучат во секое време, дури и додека трае репродукцијата на некое видео.
Ќе биде интересно да видиме каква ќе биде реакцијата од Google, кои активно се справуваат со сите достапни начини за блокирање на рекламите на нивната популарна платформа за видеа.






