Владата донесе одлука за едностран раскин на договорот за концесија за изградба на мала хидроцентрала на реката Блатешница во винички Блатец. Оваа одлука претставува клучен чекор во заштитата на јавниот интерес и зачувувањето на природните вредности во овој регион – напиша на својот фејбук профил, градоначалникот на општина Виница, Митко Костадиновски.
Во втората половина на февруари, со официјален допис го известив инвеститорот дека Одобрението за градење на хидроцентралата на реката Блатешница, согласно член 68 став (1) од Законот за градење, престанало да важи на 13.08.2025 година. Воедно го предупредив дека доколку преземе какви било градежни дејствија по престанокот на важноста на одобрението, истите ќе се сметаат за бесправно градење, односно бесправна градба, и ќе претставуваат основ за поведување соодветни постапки согласно важечките законски прописи.
Според официјалната одлука, објавена во Службен весник на трети јули годинава, Владата на седница одржана на 30ти јуни го раскинала Договорот со фирмата “Енерџи Лукс ДООЕЛ Кочани”, а како основ за оваа одлука се наведува дека концесионерот не отпочнал со производство во предвидениот рок од Договорот за концесија за изградба на мали хидроелектрични централи за производство на електрична енергија. 24 го контактираше и концесионерот и прашавме дали и каков чекор ќе превземат по донесувањето на оваа одлука?
Сè уште го немаме добиено официјално решението. Ја почитуваме секоја владина одлука, а кога ќе го добиеме официјално ова решение тогаш нашиот правен тим ќе се произнесе по однос на истото.
Инаку, овој проект предизвика силен отпор кај локалното население, за што во текот на февруари и март организираа повеќе протести и блокади на регионалниот пат кон Берово.






