Македонскиот Културно-информативен Центар во Белград, со поддршка од Министерството за култура и туризам, организира концерти со новоформираното трио „Нова“, составено од веќе меѓународно афирмирани македонски музички уметници: бас-баритонот Иван Наумовски; Јордан Петрушевски на пијано и Ѓорѓи Петрушевски на обоа и англиски рог.
Првиот од двата предвидени концерти во Р. Србија насловени како „Медитеранска Ноќ“, ќе се реализира на 6 јули во 21 часот во Културниот Центар Белград, во галерискиот простор АРТГЕТ, а вториот концерт е планиран да се одржи на 7 јули во 20 часот во Културниот центар Нови Сад со почеток во 20 частот. И на двата концерти, македонските уметници, пред белградската и новосадската публика, ќе ги поздрави и претстави, директорот на КИЦ Белград Васко Шутаров.
За концертите за кои публиката во Србија покажува значаен интерес, предвидена е програма во која ќе бидат изведени познати дела од Клод Дебиси, Астор Пјацола, Франческо Паоло Тести, Едвард Елгар, Нино Рота, Енио Мориконе, Едуардо ди Капуа, Консуело Веласкез, Агустин Лара, Алфонс Вајндорф, Карл Милекер и Франц Лехар, како и блок со обработки на познати македонски народни песни како што се „Не си го продавај, Кољо, чифликот“, „Кажи, кажи либе Стано“, „Јовано, Јованке“ и Македонско девојче“.
Македонскиот бас-баритон, доц. м-р Иван Наумовски, ги завршува своите дипломски студии по вокално пеење на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на проф. м-р Марија Муратовска, со највисоки почести cum laude (2013). Во 2016 година магистрира со највисоки почести (Auszeichnung) на одделот за музички театар на Државниот универзитет во Грац, во класата на проф. Том Сол и маестро Франк Крамер. Во 2021 година магистрира во областа Lied und Oratorio на Универзитетот за музика и изведувачки уметности во Виена (MDW), во класата на проф. Карлхајнц Ханзер, проф. KS Габриеле Фонтана и проф. KS Ангелика Кирхшлагер, стекнувајќи уште една титула Master of Arts во областа на уметничката песна и ораториумот. Во универзитетските продукции во Грац настапува како солист во оперите „Don Giovanni“, „Viva la mamma“ и „Die Zauberflöte“. Покрај Грац, во текот на кариерата бележи настапи и во други австриски градови, меѓу кои Виена, Вергл, Велс, Вајц, Инсбрук, Швајгерс, Ахенкирх и Цветл. Своето оперско деби го остварува во Операта во Грац со улогата на Викомте Каскада во оперетата „Die lustige Witwe“, каде соработува со реномираниот режисер Оливие Тамбози. Во истата оперска куќа ја толкува главната улога во австриската премиера на современата опера „Der Wuschpunsch“ од Елизабет Наске, учествува во проектот „Rossini for Children“, концертите на оперското студио, како и на натпреварот за режисери „Ring Award“, во улогата на Малатеста.
Ѓорѓи Петрушевски, средното образование го завршува во Државното музичко училиште „Илија Николовски – Луј“ во Скопје, на одделот за обоа и англиски рог каде дипломира со извонреден успех и признание за најдобар ученик на генерацијата, освојувајќи бројни награди на меѓународни натпревари. Музичкото образование го продолжува на Факултетот за музичка уметност во Скопје, каде повторно се истакнува со највисоки оценки и добива стипендија за надпросечен успех. Понатаму, своето образование го надградува со магистерски студии по оперска и мјузикл режија на Националната музичка академија „Панчо Владигеров“ во Софија, Бугарија, како и со мастер-клас по обоа на Конзерваториумот „Франц Шуберт“ во Виена, Австрија. Во рамките на својата уметничка кариера, Ѓорѓи Петрушевски има настапувано на реномирани сцени низ светот, меѓу кои се издвојуваат концертите во Њујорк, САД, од кои особено се бележи настапот во светски познатата сала „St. George Theater“ на Статен Ајленд, како и неговиот најнов концерт во Рим, Италија, во античкиот Teatro di Marcello, со што го потврдува својот интернационален уметнички профил.
Јордан Петрушевски е еден од најреномираните пијанисти на својата генерација, познат по
својата извонредна техника и длабоко емотивни интерпретации. Неговото музичко патување започнува уште во раното детство, кога ја открива својата неизмерна страст кон пијаното. Со исклучителен талент и посветеност, тој уште во нижото музичко образование освојува бројни национални и меѓународни награди.
Настапува на престижни фестивали низ светот и посетува врвни мајсторски курсеви, соработувајќи со легендарни пијанисти како Григориј Соколов, Лев Власенко, Патрик Мервил и многу други.Своето образование го продолжува на Факултетот за музичка уметност во Скопје, каде што под менторство на проф. Рита Трпчева Поповиќ го усовршува својот музички израз. Уште за време на студиите освојува бројни значајни награди и настапува како солист. Во 2018 година стекнува титула професор и несебично ја пренесува својата љубов кон музиката на новите генерации млади пијанисти, создавајќи уметници со врвни квалитети. Покрај педагошката работа, својата музичка кариера ја гради како корепетитор и музички соработник во образовни институции, како и во соработка со врвни оркестри и камерни ансамбли. Од 2022 година е дел од Националната опера и балет на Скопје како корепетитор, каде што продолжува да ја развива својата уметничка кариера, учествувајќи во грандиозни продукции со водечки диригенти од земјата и странство. Неговиот музички пат го доусовршува во Виена каде што котира во класата на извонредната реномирана пијанистка и корепетиторка во Виенската Опера проф.др Кристин Окерлунд во областа на класичната оперска корепетиција на факултетот МУК.






