Граѓаните велат дека им е тешко да одржуваат финансиска стабилност поради ниските плати и високите трошоци за живот. Според нив, еден човек за да има финансиска стабилност, треба посветено да работи, да напредува во кариерата, и освен основната работа, да има и дополнителни примања или пасивни приходи. Луѓето додаваат дека за да се обезбеди долгорочна финансиска стабилност треба многу труд, планирање на приходите и паметно инвестирање.
„Работиме, ама платите се ниски, а сѐ е поскапено. И по 10 часа на ден да работиме е џабе, затоа што примањата се ниски. И да бараме дополнителна работа, дали ќе се исплати, обврски имаме со деца“, рече Драгана Кипевска, граѓанка.
Друга жена вели дека постојана едукација е потребна за да се има финансиска стабилност.
„Многу работи требаат и работа и напредување и едукација“, рече Лиле Петрушевска, граѓанка.
Млада девојка објаснува дека на луѓето кои работат во различни сектори им е тешко да си обезбедат финансиска стабилност.
„Многу е тешко да се обезбеди финансиска стабилност. Треба многу да се работи, многу труд да се вложи. Но, платите се ниски, без разлика која кариера ќе ја изберат луѓето. За жал има луѓе со факултет кои не успеале“, додава нашата соговорничка.
За обезбедување на финансиска стабилност, се советува луѓето да ги следат своите трошоци, да имаат увид каде и колку пари им се одлеваат. Дел од платата да го тргаат настрана за непредвидени трошоци или да си заштедат пари за покривање на животните трошоци за период од 3 до 6 месеци. Својата вредност на пазарот на трудот ќе ја зголемат со учење на нови вештини. Ако се во можност, граѓаните треба да размислуваат и за пасивни приходи.
„Пасивен приход секогаш треба да има. Од редовна плата од 8 часа работа дневно, луѓето што и да работат нема да се збогатат, туку можат да живеат нормално ако платата е повисока. Со пасивен приход можат да си обезбедат екстра заработка, да имаат екстра заштеда. Она што е најважно, потребен е континуиран професионален развој, ако немаат развој, што и да работат, нема да напредуваат и нема да бидат поплатени ако не се издвојат. Младите денес се паметни, работат на нивните лични професионални способности. Децата сега се финансиски писмени“, вели Весна Капсарова, финансиски советник.
Според Сојузот на синдикати на Македонија(ССМ), вредноста на синдикалната минимална кошница за месец јуни 2026 година изнесувала 68.654 денари.
Инаку, секое петто лице во Македонија е сиромашно, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС).






