ДУИ реагираше на именувањето на Иван Стоилковиќ за министер за локална самоуправа, оценувајќи го како сигнал за ревидирање на Охридскиот рамковен договор и на територијалната поделба од 2004 година. Фатон Алити од опозициската партија предупреди дека секој обид да се допрат децентрализацијата, правичната застапеност и правата стекнати со Охридскиот договор ќе наиде на силен политички, институционален и граѓански отпор.
„Неприфатливо е човекот кој вчера беше поставен да го релативизира Охридскиот договор, денес да биде поставен да ја допира мапата создадена со Охридскиот договор. Неприфатливо е за општините Чаир, Тетово, Сарај, Липково, Гостивар, Струга и сите други албански општини да одлучува министер кој нема ниту политички легитимитет, ниту историска чувствителност, ниту морален мандат за ова прашање. Затоа денес јасно порачуваме: Не ја отворајте оваа тема. Не ја допирајте територијалната поделба од 2004 година. Не си играјте со столбовите на Охридскиот договор. Не го тестирајте политичкото трпение на Албанците.“, порача Фатон Алити.
Стоилковиќ, со реконструкцијата на Владата, од министер за односи меѓу заедниците премина на чело на Министерството за локална самоуправа. За владејачката коалиција ВЛЕН, преземањето на Министерството за правда, Министерството за односи меѓу заедниците и Министерството за култура претставува стратешки чекор за унапредување на положбата на Албанците во Македонија. Во објава на Фејсбук, Изет Меџити напиша дека преку овие ресори ќе спроведуваат реформи во правосудството, ќе ја зајакнат меѓуетничката еднаквост и ќе го промовираат албанскиот културен идентитет, поврзувајќи го тоа со 25-годишнината од Охридскиот договор.
„На 25-годишнината од Охридскиот договор отвораме ново поглавје на владеење, засновано на еднаквост, правда и одговорност. (…) Министерството за односи меѓу заедниците е министерството што на своите плеќи го носи духот на Охридскиот договор и архитектурата на соживотот во државата. Овој ресор не е само координативен механизам, туку институција што треба да гарантира унапредување на еднаквоста, почитување на колективните права, дијалог меѓу заедниците и доследна примена на принципот на правична и соодветна застапеност.“, вели Изет Меџити.
ВЛЕН оценува дека со раководењето на шест владини ресори ќе ја зајакне улогата на Албанците во процесите на донесување одлуки и ќе го забрза европското интегрирање на државата.






