Македонските олимпијци повторно се подготвени да ги одмерат своите знаења со најдобрите млади физичари од светот.
Македонскиот тим синоќа замина за Букараманга, Колумбија, каде од 4 до 12 јули ќе учествува на 56. Меѓународна олимпијада по физика.
Македонија ќе ја претставуваат:
– Искра Нечаковска, IV година, СОУ „Јосип Броз-Тито“ – Битола
– Андрија Младеновиќ, III година, ДСУ „Математичко-информатичка гимназија“ – Скопје
– Панче Крстев, III година, ПСУ „Јахја Кемал“ – Карпош, Скопје
– Андреј Доневски, III година, СОУ Гимназија „Гоце Делчев“ – Куманово
– Михаил Шапчески, IV година, ПСУ „Јахја Кемал“ – Карпош, Скопје
Водачи на тимот се проф. д-р Ламбе Барандовски – редовен професор на ПМФ во Скопје и претседател на Друштвото на физичарите на Република Македонија и д-р Христијан Кочанковски – претседател на Комисијата за натпревари при ДФРМ.
„Искрена благодарност упатуваме до Природно-математичкиот факултет – Скопје и Институтот за физика за континуираната поддршка и обезбедените услови за подготовка на олимпијците. Учеството на македонскиот тим на 56. Меѓународна олимпијада по физика е поддржано од Министерството за образование и наука, кое во целост ги покрива трошоците за котизација и патување“, соопштија од Друштвото на физичарите на Република Македонија.
На 8. Балканска олимпијада што се одржа од 27 до 30 јуни во Истанбул, Турција, во конкуренција на 51 учесник од 13 држави од Балканот, Европа и Азија тимот од Македонија освои сребрен и бронзени медали. Сребрен медал доби Валентино Атанасоски I година – ПСУ Јахја Кемал Колеџ- Карпош, Скопје, а бронзени медали Филип Хаџи-Велков, I година – ПСУ Јахја Кемал Колеџ – Карпош, Скопје и Андреј Тасиќ, II година – ПСУ Јахја Кемал Колеџ – Карпош, Скопје. Пофалица доби Јаков Геговски – II година, ПСУ „Јахја Кемал“, Скопје.
Претходно, на Европската олимпијада по физика, што се одржа од 12 до 16 јуни во Гетеборг, Шведска, Македонија освои сребрен медал.
Ученичката Искра Нечаковска, ученичка во IV година во СОУ „Јосип Броз-Тито“ – Битола, освои сребрен медал, со што постигна еден од најзначајните успеси на македонските ученици на ова престижно меѓународно натпреварување. На свечената церемонија во Гетеборг, медалот на Искра Нечаковска ѝ беше врачен од шведската министерка за образование и наука, Лота Едхолм.






