Врсничкото насилство може да запре само ако сите, и институции и наставници и целата заедницата, се ангажираме со целосна сериозност. Но, посебно важна е улогата на родителите. Недостасува поголема грижа и посветеност од многу семејства кон своите деца. Не од сите, но од многу семејства недостасува токму таа воспитна компонента, што е основа за здраво растење, изјави министерката за образование и наука, Весна Јаневска, пред едукативниот панел за родители и старатели на ученици на тема врсничко насилство, што денеска се одржа во Домот на културата „11 Октомври“ во општина Гази Баба.
– Последниот случај на врсничко насилство покажа деца со недостиг на емпатија и со изобличени вредности. Едни се изживуваат врз дете, а други стојат настрана, снимаат и се забавуваат, наместо да му помогнат и да го заштитат. Ова насилство е аларм за целото општество. Тоа е плод на недостиг на воспитна врска меѓу родителите и децата – рече Јаневска, додавајќи дека без ангажирање на родителите, секоја иницијатива за справување со врсничко насилство е неефикасна.
Министерката посочи дека токму затоа, на национално ниво се иницирани директни средби со родителите на децата и наставниците, каква што е денешната. Целта е отворено да се предочат проблемите, да се слушнат предизвиците со кои се соочуваат семејствата и училиштата, како и да се разменат идеи и иницијативи за заедничко делување против врсничкото насилство.
Најави одлучност во справување со злото што возрасните им го наметнуваат на децата и ригорозен системски одговор.
– Одговорност мора да има и за родителите. Разговарав со министерот за внатрешни работи, ќе следат санкции за сите инволвирани и за нивните родители. Најчест причинител на врсничко насилство е семејното насилство и занемарувањето на децата – најави таа.








