По денешното невреме кое ја зафати општина Бутел, општинските служби веднаш излегоа на терен и започнаа со справување со последиците. Од Општината информираат дека Кризниот штаб е целосно мобилизиран и во текот на целиот ден ја следи состојбата, координирајќи ги сите активности за брза и ефикасна интервенција.
Во соопштението се наведува дека екипите работат на расчистување на последиците од невремето и дека се во постојана комуникација со Министерството за внатрешни работи, ЕВН и Центарот за управување со кризи, со цел навремено да се одговори на сите пријавени проблеми.
За полесна комуникација со жителите, Општина Бутел стави на располагање телефонски број 078 517 344, преку кој граѓаните можат да пријават штети, паднати дрвја, проблеми со електричната мрежа или други последици од невремето за кои е потребна интервенција на надлежните служби.
Од локалната самоуправа апелираат до граѓаните да останат смирени и да ги следат препораките на институциите. Посочуваат дека сите пријави ќе бидат обработени по приоритет и дека екипите ќе интервенираат секаде каде што има потреба.
Надлежните и понатаму ја следат состојбата на терен и остануваат подготвени за дополнителни активности доколку временските услови повторно се влошат.








