Претседателот на Движењето ЗНАМ, Максим Димитриевски, на денешната прес-конференција ги соопшти кадровските решенија на партијата во рамки на владината реконструкција, истакнувајќи дека ЗНАМ ќе раководи со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
За нов министер е предложен досегашниот државен секретар во ресорното министерство, Борче Серафимовски.
Димитриевски најави и дека во септември ЗНАМ ќе добие уште едно заменик-министерско место во, како што рече, влијателен владин ресор.
Тој информираше дека Горан Минчев останува на чело на Министерството за јавна администрација, а воедно му се заблагодари на досегашниот министер за правда, Игор Филков, за неговиот професионален интегритет и посветеноста во извршувањето на функцијата.
Претседателот на ЗНАМ порача дека партијата и натаму ќе биде стабилен партнер во владината коалиција и ќе продолжи да придонесува кон реализацијата на владините политики.








