Премиерот Христијан Мицкоски најави дека функцијата заменик-претседател на Владата задолжен за добро владеење ќе биде укината, а надлежностите од овој ресор ќе преминат директно под кабинетот на претседателот на Владата.
Во интервју за Телма, во пресрет на вечерашната седница на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски изјави дека концептот на добро владеење останува важен, но смета дека ќе биде поефикасен доколку е дел од премиерскиот кабинет.
„Во мојот кабинет има секретар задолжен за следење на реализацијата на владината програма и политиките, па сметам дека токму тој може да биде одговорен и за прашањата поврзани со доброто владеење. Со тоа Владата би имала и еден член помалку на ниво на потпретседатели, што е порака за порационална организација“, изјави Мицкоски.
Премиерот најави дека на вечерашната седница ќе ги информира членовите на Извршниот комитет и за разговорите за проширување на владината коалиција со Демократска партија на Турците, која моментално е дел од коалицијата Европски фронт и располага со еден пратеник во Собранието.
„Очекувам разговорите да завршат успешно. Преговараме за соработка што би траела до завршувањето на локалните избори во 2029 година. На тој начин би се формирал новиот владин кабинет“, рече Мицкоски.
Тој потврди дека со владината реконструкција ВМРО-ДПМНЕ ќе ги преземе ресорите Здравство и Социјална политика, демографија и млади. Коалицијата Влен ќе раководи со Министерството за култура, Министерството за правда и ресорот за односи меѓу заедниците, додека ЗНАМ ќе го добие Министерството за земјоделство, како и уште една заменичка министерска функција.
На прашањето дали може да ги открие новите кадровски решенија, Мицкоски одговори дека имињата се веќе познати, но дека ќе бидат соопштени дури по седницата на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.
„Би било некоректно прво да ги соопштам во јавноста. Најнапред ќе бидат претставени пред членовите на Извршниот комитет, а потоа и пред јавноста“, изјави премиерот.








