Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска беше домаќин на министерот за надворешни работи на Република Литванија, Кестутис Будрис, кој престојува во официјална посета на Република Северна Македонија.
На средбата, двајцата министри изразија задоволство од развојот на билатералните односи во изминатите три децении и ја потврдија заедничката определба за нивно понатамошно унапредување. Во разговорите беше нагласена потребата од нов импулс во политичката, економската и секторската соработка, како и од продолжување на интензивниот политички дијалог. Беше констатирано дека традиционалното пријателство меѓу двете земји претставува цврста основа за натамошно продлабочување на соработката и за заемна поддршка во мултилатералните рамки.
Министерот Муцунски изрази благодарност за континуираната и принципиелна поддршка што Република Литванија ѝ ја дава на нашата држава во процесот на европската интеграција. Во тој контекст, министерот Будрис ги поздрави реформските достигнувања на Република Северна Македонија и ја нагласи важноста од продолжување на реформскиот процес како основа за напредок на европскиот пат. Тој истакна дека проширувањето на Европската Унија мора да остане врвен политички приоритет и оцени дека актуелниот геополитички момент бара нова динамика во политиката на проширување.
„Од 1 јануари го преземаме претседавањето со Советот на Европската Унија, а политиката на проширување ќе биде еден од нашите врвни приоритети. Верувам во силна Европска Унија како силен геостратешки актер. За Европа да биде посилна, мора да биде поголема и да им даде можност на земјите кои предолго чекаат да станат дел од европското семејство. Северна Македонија спроведува реформи и тој напредок е препознаен. Државата е на вистинскиот пат, а Литванија ќе продолжи силно да го поддржува вашиот европски пат. Ја имате нашата целосна поддршка и помош во овој процес. Споделуваме иста стратешка визија и веруваме во силна, обединета и безбедна Европа“, истакна министерот Будрис.
Министерот Муцунски нагласи дека со министерот Будрис разговарале за можностите за поинтензивна политичка, економска и секторска соработка, како и за реализација на конкретни заеднички иницијативи во периодот што следи.
„Отворањето на македонската амбасада во Вилнус претставува значаен чекор напред. Тоа не е само административна одлука, туку политичка порака дека сакаме уште поблиско партнерство со Литванија и уште поефикасна институционална комуникација“, истакна Муцунски.
Двајцата министри разменија мислења и за актуелните регионални и глобални прашања, како и за безбедносните предизвици со кои се соочува Европа. Во разговорите беше потврдена заедничката определба за понатамошна координација во рамките на НАТО и мултилатералните организации, со цел зачувување на мирот, стабилноста и безбедноста на европскиот континент и пошироко.








