Регулаторната комисија за енергетика во текот на денешниот ден ќе ги објави новите малопродажни цени на горивата, кои ќе стапат во сила од полноќ. Возачите со внимание ја очекуваат најновата пресметка, која ќе покаже дали ќе има ново намалување, зголемување или цените ќе останат непроменети.
На последната седница, Регулаторната комисија донесе одлука за намалување на цените на сите видови горива. Најпродаваниот бензин, Еуросупер БС-95, поевтини за 3,5 денари по литар и моментално се продава по цена од 84 денари. Еуросупер БС-98 беше намален за 4 денари и сега чини 86 денари за литар.
Најголемо намалување беше забележано кај дизел горивото, чија цена се намали за 7 денари по литар. Во моментов, еден литар дизел се продава за 80,5 денари.
Цените на горивата во земјава се утврдуваат врз основа на движењата на светските берзи на нафтени деривати и курсот на доларот, а Регулаторната комисија редовно врши усогласување во согласност со овие параметри.
Од Владата претходно соопштија дека, според нивните анализи, Македонија и натаму има едни од најниските цени на горивата во регионот.








