„Имало случаи кога лекар со гестикулации јасно покажувал кон џебот, што остава впечаток дека очекува поткуп“– ова е едно од негативните искуства која нашата соговорничка ги имала во јавното здравство. Таа зборуваше отворено за коруптивните практики во здравството, но инсистираше да остане анонимна.
Раскажува дека во текот на животот повеќепати била сведок на ситуации кои кај неа создале чувство дека парите и подароците можат да влијаат врз односот што пациентот го добива во здравствена установа.
Според неа, многу граѓани денес даваат подароци, не затоа што навистина сакаат да се заблагодарат, туку затоа што се плашат дека без тоа нема да ја добијат потребната грижа.
„Лично сум била сведок како мој близок става пари во здравствената книшка за да биде опериран. Имам видено и постар пациент кој со недели лежеше во болница без соодветна грижа и достоинствени услови. По дадените пари, односот и грижата кон него значително се променија“, раскажува таа.
Ваквите искуства создаваат чувство дека здравствената услуга не е еднакво достапна за сите. Дури и кога не постои директно барање за поткуп, кај пациентите останува сомнежот дека некој што ќе остави подарок ќе добие повеќе внимание.
Токму затоа многу луѓе продолжуваат да ја одржуваат оваа практика. Не затоа што сакаат, туку затоа што веруваат дека така функционира системот. Од генерација на генерација се пренесуваат советите: „однеси кафе“, „купи виски“, „стави нешто во книшката“, „така сите прават“. На тој начин корупцијата добива ново име – благодарност.
Податоците од истражувањето на Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ покажуваат дека неформалните плаќања во здравството најчесто се користат за побрз термин кај специјалист или дијагностичка услуга (49,2 проценти), за добивање услуга кај конкретен лекар или тим (35,6 проценти), за подобар третман од специјалист (35,6 проценти) и за добивање операција или болнички кревет без чекање (30,5 проценти).
„Давањето пари и подароци се најчеста форма на корупција во македонското јавно здравство. Дури 83% од случаите на барање и давање корупција се поврзани со „поклон во плик“ или друг тип материјален подарок. При нашето истражување, констатиравме дека фаќањето „врски“ и давањето подароци на здравствените работници, како пијалок или благо, не се перцепира како коруптивно однесување. Сепак, „врските“ создаваат неправичност бидејќи тие што ги имаат ќе добијат побрз или поквалитетен третман, а останатите ќе треба да чекаат, иако можеби се со поголем здравствен приоритет“, велат од Здружението ЕСЕ.
Овие бројки покажуваат дека граѓаните најчесто не плаќаат за нешто што не им следува, туку за да дојдат побрзо до услуги што и онака им се загарантирани со закон.
Лекарите предупредуваат: Благодарноста не се купува
Иако во јавноста често постои перцепција дека здравствените работници ги поддржуваат ваквите практики, дел од нив јавно се спротивставуваат на идејата за подароци во здравството.
Доктор Ивица Апостолов, кој 36 години работи во јавното здравство и е претседател на Здружението на медицински лаборанти при Клиничкиот центар во Скопје, смета дека благодарноста и почитта не смеат да се мерат преку материјални подароци.
Според него, здравствените работници се определиле за професија чија суштина е да им помагаат на луѓето и токму затоа успешно извршената работа не треба дополнително да се наградува.
Доктор Ивица АпостоловДоктор Ивица Апостолов
Апостолов предупредува дека најголемиот проблем е што пациентите се доведуваат во ситуација сами да проценуваат дали треба да подаруваат нешто, колку треба да чини подарокот и кому треба да му биде наменет.
„Не е нормално лекувањето и негата на пациентот да бидат класифицирани според тежината на очекуваниот подарок“, вели тој.
Според него, практиката на носење кафе, чоколади, виски или пликоа со пари со текот на времето создала впечаток дека тоа е стандардна процедура. Наместо благодарноста да се изразува со почит и зборови, таа сè почесто се поврзува со материјални вредности.
Тој додава дека голем дел од неговите колеги го делат истото мислење и дека токму здравствените работници треба да помогнат во искоренувањето на ваквите навики.
Сличен став има и Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари. Оттаму велат дека младите лекари многу ретко се соочуваат со вакви ситуации бидејќи најголем дел од интервенциите и операциите ги изведуваат поискусните колеги, но истовремено нагласуваат дека сакаат да бидат дел од генерацијата која ќе ја прекине оваа практика.
Според нив, носењето подароци создава непријатност и кај самите лекари, особено кога тие претходно нагласиле дека нема потреба од никаква материјална благодарност.
„Се создава мислење дека ако нешто дадат, грижата за нив ќе биде поголема. Сè додека оваа пракса постои, ќе постои и сомнежот во квалитетот на здравствените работници и здравствените услуги“, велат од Асоцијацијата.
Додаваат дека целосно се против ваков тип подароци и сметаат дека како фела треба да бидат категорични и да одбиваат бидејќи се платени токму од џебот на пациентите односно од придонесите за здравствено осигурување, кои придонесуваат во платата на здравствените работници.
Кога корупцијата станува култура на однесување
Експертите предупредуваат дека најголемата опасност не е во поединечните случаи на поткуп, туку во моментот кога тие ќе станат општествено прифатени.
Истражувањето на ЕСЕ покажува дека речиси половина од испитаниците пријавиле примање подароци или ваучери договорени пред извршување на услугата. Дополнително, во извештајот се наведува дека корупцијата во здравството не се состои само од директно барање пари, туку и од неформални плаќања, подароци, упатувања за набавка на лекови во конкретни аптеки или во приватни ординации и други практики кои ја нарушуваат еднаквоста во пристапот до здравствените услуги.
Особено загрижува фактот што ваквите практики најчесто не се доживуваат како корупција. Наместо тоа, тие се оправдуваат како традиција, знак на почит или благодарност. Токму на тој начин се создава култура во која и пациентите и здравствените работници почнуваат да ги прифаќаат како нешто нормално.
Од ЕСЕ предупредуваат дека ваквата нормализација ја замаглува границата меѓу законското и незаконското однесување и придонесува за толеранција кон корупцијата. Кога подарокот ќе стане очекуван, а не доброволен гест, тогаш тој престанува да биде благодарност и станува механизам преку кој граѓаните се обидуваат да обезбедат подобар третман.
„Здравството е еден од секторите со најизразена разлика меѓу доживеаната и пријавената корупција. Непријавувањето на коруптивни практики најчесто е резултат на страв од негативни последици, губење на пристап до услуги или одмазда. Жените почесто избегнуваат пријавување поради страв од стигматизација, одмазда или недоверба во институциите, особено во контекст што подразбира почести интеракции со здравствениот систем, како што се гинеколошко-акушерските услуги“, објаснуваат од Здружението ЕСЕ.
Проблемот, според соговорниците, не може да се реши само со казни и закони. Потребна е промена на целокупната култура на однесување – и кај пациентите и кај здравствените работници. Пациентите треба да бидат уверени дека ќе добијат квалитетна здравствена услуга без оглед дали ќе донесат подарок, а лекарите да продолжат јасно да ги одбиваат ваквите практики. Истражувањето на ЕСЕ помеѓу здравствените работници покажа дека е неопходен пакет системски мерки кои вклучуваат заштита на пријавувачите, зајакнати контроли и санкции, зголемена транспарентност во обезбедувањето здравствени услуги, подобри плати и услови за работа.
Сè додека постои убедувањето дека подарокот отвора врати, а ковертот со пари обезбедува подобра грижа, ќе постои и сомнежот дека здравствениот систем не функционира подеднакво за сите. А токму тој сомнеж е најголемата победа на корупцијата и најголемиот пораз на довербата во јавното здравство.
МАЈА ТЕРЗИОВА








