Соединетите Американски Држави ја продолжија за уште една година националната вонредна состојба поврзана со Западен Балкан, оценувајќи дека активностите што го загрозуваат мирот, стабилноста и демократското управување во регионот продолжуваат да претставуваат закана за американската национална безбедност и надворешна политика.
Во претседателскиот документ објавен на 24 јуни се наведува дека дејствијата на поединци и групи што го загрозуваат мирот, меѓународните напори за стабилизација на регионот, како и активностите што го попречуваат демократскиот развој и евроатлантската интеграција на земјите од Западен Балкан, продолжуваат да претставуваат „вонредна и невообичаена закана“ за интересите на САД.
Вонредната состојба првпат ја прогласи американскиот претседател Џорџ В. Буш на 26 јуни 2001 година со Извршната наредба 13219, која овозможи замрзнување на средствата на лица и организации што ја загрозуваат стабилноста на регионот.
Мерката се однесуваше на актери поврзани со екстремистичко насилство во тогашна Македонија, попречување на спроведувањето на Дејтонскиот договор во Босна и Херцеговина и Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ООН за Косово.
Поткопување на мировните договори, корупција…
Регулативата беше проширена во 2003 година за да вклучи активности што го попречуваат спроведувањето на Охридскиот договор во Северна Македонија, а беше дополнително проширена во 2021 година со извршна наредба на претседателот Џо Бајден.
Во тоа време, како причини се наведуваа поткопувањето на повоените договори и институции создадени по распадот на поранешна Југославија и широко распространетата корупција што го попречува демократскиот развој и интеграцијата на регионот во евроатлантските структури, пишува N1 Србија.
На почетокот на 2025 година беше усвоена нова извршна наредба, која ги опфаќа обидите за загрозување на суверенитетот и територијалниот интегритет на земјите од Западен Балкан, поткопување на мировните договори, сериозна корупција и избегнување на санкциите на САД.
Кој е опфатен со вонредните мерки?
Извршните наредби на САД не именуваат конкретни поединци или организации, туку обезбедуваат правна рамка за воведување санкции врз поединци, компании и други субјекти за кои Вашингтон смета дека дејствуваат против стабилноста и демократскиот развој на регионот.
Мерките се однесуваат на Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Северна Македонија и Србија.








