Сите петмина осомничени во случајот „ФФМ“ кои беа недостапни за органите на прогонот се обезбедени, потврдија од ОЈО ГОКК. Тројца од нив, беа спроведени на распит кај судија на претходна постапка. Двајца од судот си заминаа со мерки за претпазливост, додека еден е спроведен во куќен притвор.
ОЈО ГОКК пред неколку дена отвори истрага за 18 луѓе и 8 фирми под сомнение дека од касата на Федерацијата незаконски испумпале безмалку 3 милиони евра.
Со случајот се опфатени и двајца поранешни претседатели на ФФМ Илчо Ѓорѓиоски и Мухамед Сејдини како и поранешната сметководителка Олгица Младеновска кои се осомничени дека од 2015 до 2019 година потпишале 728 фактури за услуги и стоки кои реално не биле извршени. Обвинителството ги товари за проневера во службата. Газдите на фирмите се сомничат за помагање и за перење пари.
Сумирано, за овој случај, судија на претходна постапка на четворица осомничени им изрече ефективен, а на шестмина домашен притвор. Седуммина ќе се бранат од слобода со мерки на претпазливост.
За експретседателот на ФФМ Сејдини обвинителството води уште една истрага – за проневера и злоупотреба на 700 илјади евра, пари добиени од УЕФА наменети за градежни активности на стадионот во Охрид.








