Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците и Министерството за правда ќе ги земат предвид и повторно разгледаат предлозите од претставници на синдикатите, здруженија на судска администрација, јавнообвинителска служба, обвинители и други поединци кои денес на јавна расправа говореа за подобрување на предложениот закон за судска служба и предложениот закон за јавнообвинителска служба.
Најголем дел од учесниците во јавната расправа побараа предложените законски решенија да се вратат во работните групи, да се изменат и дополнат во функција на квалитетни закони и во согласност со реформската агенда.
– Како комисија за политички систем и односи меѓу заедниците, во поглед на сите поголеми законски решенија од планот за раст и реформската агенда, организираме јавни расправи со цел да го слушнеме мислењето, ставови, критики, забелешки или пофалби со законското решение. Дебатата е во функција на законските решенија, посочи претседателот на комисијата, пратеникот Љупчо Пренџов.
Во јавната расправа се вклучија седумнаесет директно заинтересирани претставници на организации кои ги застапуваа интересите на вработените во судска служба и јавнообвинителска служба, и побараа враќање на делови од текстот на законите кои претходно биле усогласени во работната група, враќање на додатокот за висок ризик и доверливост на документи, враќање на процентот од 60 на 80 насто од висината платата што се исплаќа во услови на штрајк, грижа и кариерен развој за сите вработени, соодветен пристап кон информатичарите чиј број заради немотивираност се намалува, како и јасен текст на законот ослободен од влијанија и притисоци.








