Над 13 милиони евра приходи оствариле лани приватните лица кои издаваат сместување за краток престој, покажуваат пресметките на Управата за јавни приходи. Станува збор за издавање или реиздавање на станови, куќи и соби од страна на физички лица за краток престој независно од тоа дали се издаваат преку платформи како „Букинг“, „Ербиенби“, „Трип Адвајзор“ или на други начини.
Според податоците што Телма ги доби од УЈП, за 2025 година по овој основ поднесени се скоро 7.000 пресметки од физички лица, при што вкупниот данок надминува 1 милион евра.
„Кога изнајмувањето на недвижности се врши од страна на правни лица, приходот кој го остваруваат по овој основ претставува дел од нивниот вкупен приход остварен во текот на годината и се пријавува во годишната сметка за односната година“, посочуваат од УЈП.
Издавањето стан, куќа или соба за краток престој претставува вршење угостителска дејност и е регулирано со закони од тој сектор.
Ако некој издава сместување за краток престој не само што е должен приходите да ги пријави во УЈП и за нив да плати данок, туку има и други законски обврски.
Прво, сопственикот или носителот на правото на користење на имотот поднесува барање за упис во регистарот до Град Скопје, односно до градоначалникот на општината во чие подрачје се издава. За да се добие дозволата неопходно е да се исполнат определените минимално-технички услови, како и условите за категоризација, а добиената категорија потоа треба да биде истакната на видно место на влезот на објектот.
Од Министерството за економија појаснуваат дека доколку физичкото лице издава стан, куќа или соба преку агенција, должно е да издаде фискална сметка за услугата, а доколку тоа го прави преку некоја од платформите, тогаш за секој прилив на трансакциска сметка должен е да плати 10% персонален данок.
„Согласно Законот за таксата за привремен престој, физичкото лице води две книги (за домашни и за странски гости) и е должен да уплати 40 денари по лице од ноќевање“, информираат од Министерството за економија.
Казните за вршење ваква угостителска дејност без да се поседува решение за категоризација се од 100 до 250 евра.
Со цел да се зголеми контролата во секторот и да се намали нелегалното работење, ЕУ неодамна воведе нови правила за дигиталните платформи за краткорочното изнајмување апартмани.
Секоја земја членка ќе мора да воспостави единствен дигитален систем за регистрација на домаќините, а платформите ќе имаат обврска редовно да доставуваат податоци до надлежните институции за бројот на ноќевања, гостите и активностите на домаќините.








