домаМакедонијаСудскиот совет повторно мета на критики — судската ѝ се потчини на...

Судскиот совет повторно мета на критики — судската ѝ се потчини на законодавната власт

- Advertisement -spot_img

Судскиот совет се обратил со писмо до Собранието со барање за толкување на одредбите од новиот Закон за Судски совет поради дилема дали престанува мандат на член на Судски совет избран според претходниот закон поради исполнување на услови за пензија. Собранието со сиот памет, или отсуство на истиот, одговорило со писмо во кое дава толкување на одредбите од Законот за Судскиот совет. Дајте да не се зафркаваме и да го укинеме ова тело и да формираме Агенција за судство на чело со некој директор, саркастичен е професор Денис Прешова

„Да го укинеме Судскиот совет и да формираме Агенција за судство на чело со некој директор или налик на некое тело со јавни овластувања наречено Судо-промет, Интер-суд-екс или Судо-шпед кое ќе биде друштво со ограничени правни знаења и одговорност за промет со судски интегритет, судска трговија и тезгарење, правно-судски манипулации“ — ваква саркастична, но остра критика упати професорот по уставно право, Денис Прешова до Судскиот совет откако беше објавено дека највисокото судско тело во кое по дефиниција треба да членуваат најголемите правници, побарало мислење од Собранието, да го толкува Законот за судски совет, и тоа не автентично толкување, туку мислење кое до телото го испратилe од Кабинетот на претседателот на Собранието Африм Гаши.

Советот бил во недоумица дали на членката на Советот, Павлина Црвенковска треба да ѝ се прекине мандатот откако исполнила услови за старосна пензија.

Прешова: Чуму ни се „врвни“ судии
„Вчера излезе веста дека Судскиот совет се обратил со писмо до Собранието со барање за толкување на одредбите од новиот Закон за Судски совет поради дилема дали престанува мандат на член на Судски совет избран според претходниот закон поради исполнување на услови за пензија. Собранието со сиот памет, или отсуство на истиот, одговорило со писмо во кое дава толкување на одредбите од Законот за Судскиот совет дека може да се констатира престанок на мандатот на членот на СС. Доколку ова е точно, а некако не се сомневам дека е точно, тогаш дајте да не се зафркаваме и да го укинеме ова тело и да формираме Агенција за судство на чело со некој директор или подобро нешто налик на некое тело со јавни овластувања наречено Судо-промет, Интер-суд-екс или Судо-шпед, кое ќе биде друштво со ограничени правни знаења и одговорност за промет со судски интегритет, судска трговија и тезгарење, правно-судски манипулации и на тоа слично. Чуму ни седат таму „врвни“ судии и „истакнати“ правници ако ова се случува и тие не се способни да ги толкуваат одредбите на Законот за Судскиот совет, немаме потреба од ваков Судски совет. А, за Собранието….и јас сум без коментар веќе. Мислевме автентичните толкувања се чудовишта од минатото, а тек ова….епистоларно толкување“, објави професорот на „Фејсбук“.

Камбовски не коментира Фејсбук статуси
Претседателот на Судски совет, Александар Камбовски на седница што се одржа изминатава седмица, извести само дека на Црвенковска ѝ се констатира престанок на мандатот поради исполнети услови за старосна пензија. Во телефонски разговор Камбовски потврди дека побарале мислење од Собранието за да толкува дел од членовите, но рече дека „Фејсбук статуси“ нема да коментираат.

Според информациите на „Слободен печат“, најмалку двајца од членовите на Советот не биле ниту известени дека ќе се пушти писмо до Собранието, ниту се одлучувало за ова, ниту пак виделе што вратило Собранието. Камбовски тврди дека членовите биле известени, а на официјалните прашања на „Слободен печат“ зошто Судскиот совет побарал мислење од Собранието за престанок на мандатот на членот на Судскиот совет и како е констатиран престанокот, одговор не добивме.

Камбовски всушност го прашал претседателот на Собранието Африм Гаши дали на членовите на Советот им завршува мандатот кога ќе исполнат услови за старосна пензија, иако е тоа предвидено во Законот за судски совет, но го збунило тоа што во членот 112 стоело дека членовите на Советот избрани по стариот закон продолжуваат да ја извршуваат функцијата до истекот на мандатот за кој се избрани. Но во одговорот од Собрание до кој дојде „Слободен печат“ пишува дека потребата за овој член во новиот Закон за судски совет се наметнала поради измените што се воведени во изборот на нови членови во Советот од редот на истакнатите правници кои ги избира Собранието и не се однесува на постојните членови.

– Оваа одредба прецизно го утврдува престанокот на мандатот на член на Советот со исполнувањето на услови за старосна пензија и не утврдува никакво отстапување од нејзината примена. Оттука членот 112 од Законот за судски совет на РСМ од 2025 година, не се однесува на престанокот на мандатот утврден во членот 34 од Законот, поради што со исполнувањето на условите за старосна пензија на Павлина Црвенковска, член на Судскиот совет ѝ престанува мандатот. Законот за Судски совет на РСМ од 2025 година со членот 12 и членот 13 утврдува поинакви услови и постапка за избор на член на Совеотт од Собранието на РСМ во споредба со Законот за Судскиот совет РСМ од 2019 година, што ја наметна потребата од членот 112 во новиот Закон, но во никој случај не значи и дерогирање на одредбата на членот 34 од Законот. Оттука, согласно член 9 став 1, алинеја 2 од Законот останува обврската на претседателот на Судски совет и на претседателот на Собранието во однос на распишувањето на оглас за избор на нов член на Советот поради престанокот на мандатот на Црвенковска – се вели во дописот до Собрание.

Реакции за нетранспаретност
Законот за кој Камбовски барал толкување пак, два месеци откако беше изгласан, ќе треба пак да се смени по насоки на Европската комисија, бидејќи во него не биле вградени сите препораки на Оценската мисија од 2023 година, кои беа донесени по скандалозната смена на поранешната претседателка на Судски совет, Весна Дамева.

Со заминувањето во пензија на Црвенковска, Судскиот совет останува без двајца членови откако во декември лани му истече мандатот на Селим Адеми. По два неуспешни обиди, Артим Ислами (адвокат од Струга) и Феузи Џафери (дипломиран правник од Гостивар) се двајцата кандидати предложени од Собраниската комисија за прашања на изборите и именувањата за членови на Судскиот совет.

Само последните неколку месеци Блупринт групата за реформи во правосудството реагираше за нетранспарентноста на Судскиот совет.
На 15 април граѓанските организации реагираа поради поради одлуката на Судскиот совет да ја исклучи јавноста при одлучувањето по барање за повторување на постапка по пресуда на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП).

-Оваа пракса претставува отстапување од принципите на транспарентност и отчетност. Иако дисциплинските постапки се затворени за јавноста со цел заштита на интегритетот на судиите, конкретното барање за повторување на постапка врз основа на пресуда од ЕСЧП има различна правна природа и претставува прашање од јавен интерес. Досегашната пракса на Советот потврдува дека ваквите барања се разгледуваат на јавни седници, без тоа да го загрози интегритетот на судијата, туку напротив – го зајакнува легитимитетот на одлуките – се вели во реакцијата.

Потоа тие реагираа поради недоволно транспарентното постапување на Советот при усвојувањето на Извештајот за работа за 2025 година.

-Граѓанските организации беа формално поканети на седницата, но без можност за суштинска вклученост во дискусијата, во спротивност со препораките на Оценската мисија на ЕУ и Деловникот на ССРСМ, Годишниот извештај на ССРСМ не содржи доволно аналитичка содржина и остава впечаток на повторување на претходни години и водење на ограничена дискусија при усвојување на Годишниот извештај и без суштински осврти. На седницата, Судскиот совет на РСМ расправајќи за точката од дневниот ред која се однесуваше на усвојување на Извештајот за работа на ССРСМ за 2025 година не ја искористи можноста да ја промовира сопствената работа која ја реализираше во изминатата година – се вели во оваа реакција.

Претходната реакција беше за изборот на член на Судски совет по стариот закон и во сите реакции стои дека Советот не ги почитува препораките на Оценската мисија.

SP

- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404фановикако
61,453претплатницисе претплатите
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img