Ова ја враќа надежта, надежта дека и јас или некој друг, кои веќе со години чекаме трансплантација, ќе дојдеме на ред да добиеме ново срце благодарение на хуманоста на семејствата на починатите лица. Веќе поминаа две и пол години од последното пресадување срце во Македонија, а тоа е голема пауза во ситуација кога триесетина луѓе во земјава чекаат да добијат нов орган и тешко го поминуваат секој ден… Ова ни го кажува Васко Јолески од Струга, пациент кој веќе цели шест години живее со вештачко срце – пумпа, чекајќи ја веста дека се создале услови тој да биде примател на витален човечки орган од некое лице кое доживеало мозочна смрт и чие семејство со согласило неговото срце да се извади и да се пресади во организам на некој друг човек. Односно, нечиј згаснат живот да спаси нечиј друг живот.
Јавноста деновиве беше сведок на великодушен и хуман чин на едно скопско семејство, чиј млад член доживеал мозочна смрт по тешката сообраќајна незгода. Семејството реши неговото срце, здравиот бубрег и дел од коските да бидат дарувани на други пациенти, кои со години се на листата на чекање за трансплантација на органи. И двете трансплантации беа успешни – срцето на младичот продолжи да чука во телото на 52-годишниот пациент, а бубрегот го спаси од мачните дијализи 23-годишниот пациент. Одново се потврди колку може да помогне органодарителството кое здравствените власти постојано го афирмираат, но и покрај сите напори, се чини дека сè уште не е на потребно ниво во земјава. Бројот на извршените трансплантации на срце, на бубрези и други органи, значително варира секоја година. Од 2020 година кога во Македонија е извршена првата трансплантација на срце, досега се извршени околу дванаесет вакви зафати.
– Ние, триесетина пациенти што чекаме пресадување на срце, чекаме на хуманоста на некое семејство да се согласи да го подари овој орган од некој свој член кој доживеал мозочна смрт. Нема друг начин. Од нив, дваесетина преживуваме благодарение на вештачко срце кое е постојано со нас. Тоа е тежок и неизвесен живот. Дванаесетте трансплантации се покажаа успешни, луѓето живеат, некои починаа, но од други болести, а не од откажувањето на срцето. Тоа значи дека и нашите лекари се на ниво на светските – вели Јолески во изјавата за весникот ВЕЧЕР.
Следната година, пак, ќе се одбележат 50 години откако во Македонија е извршена првата трансплантација на бубрег во 1977 година и, по која, досега се извршени околу 510 трансплантации а што, споредено со потребите не е многу. Во здружението „Нефрон“, кое веќе 23 години обединува околу 1.670 бубрежно болни лица кои одат на дијализи, лица кои доживеале трансплантација и органодарители, ни велат дека на листата за трансплантација се околу 130-140 членови. Односно, чекаат да добијат бубрег од друг донор, по одлука на некое семејство да донира орган од свој член на семејството кој доживеал мозочна смрт. Претседателот на здружението, Душко Ѓорѓиев, кој е и самиот меѓу оние што трипати неделно постојано оди на дијализа, третмани кои траат по 4-5 часа, ни вели дека донирањето на органите спасува многу животи.
–Тоа е благороден чин кој овозможува заболените пациенти кои се осудени на дијализи да му се вратат на нормалниот живот. Органодарителството треба да се стимулира, а ние, како општество, треба да создаваме што подобри услови за тоа. Загрижувачки е тоа што бројот на трансплантациите на бубрези – како од живи донори така и од кадавери – последниве години како да се намалува. Годинава, до 15 мај имавме 5 трансплантации на бубрези од живи донори и три трансплантации од двајца кадавери чии семејства се согласиле да се даруваат органите. Со тоа се спасени осум лица. Лани, во 2025 година, имало само 5 трансплантации од живи донори и 6 трансплантации од кадавери, со што им се помогнало на 11 лица. Во 2024 година имаше 6 трансплантации од живи донори и пресадување на 4 бубрези од двајца кадавери и се спасени 10 лица. Тоа е помалку во споредба со годините пред тоа, кога сме имале и по триесетина трансплантации – наведува Душко Ѓорѓиев во изјавата за весникот ВЕЧЕР.
За фактот што само околу десет отсто од бубрежно болните се наоѓаат на листата за чекање за трансплантации, тој објаснува дека болните се донекаде обесхрабрени од долгите чекања и потребата периодично да прават прегледи и испитувања. И, по сето тоа, нема гаранции дека ќе дојдат на ред за трансплантација, па си остануваат на дијализи. Очигледно, потребно е натамошно, постојано и интензивно, афирмирањето на органодарителството, кое ја има и поддршката на сите верски заедници во земјава.
–Народот е хуман и сака да помага. Ние треба да имаме повеќе лекари кои ќе препознаваат мозочна смрт и ќе кажат од кој кадавер може да се донираат органите. Не може само КАРИЛ да биде извор на кадавери, туку треба да бидат и други клиники, како што тоа се прави во Хрватска, и по што веднаш се стапува во контакт со семејствата, по што се бара потенцијален примател. Потребно е и некогашниот Центар за трансплантација на бубрези на Клиниката за урологија да се врати во полна претходна специјализирана функција и ваквите пациенти да бидат одделени од другите пациенти – нагласи Ѓорѓиев.
Васко Јолески, кој е и претседател на здружението „Храбро срце“, вели дека кај семејствата уште нема доволно развиена свест за донирањето на органите и треба да се работи на тоа.
– Потребни се и нови центри за кома по внатрешноста. Не може само во Скопје да ги има, а во другите градови не, зашто ако има случај на нечија мозочна смрт, органите не може да се земат и да се трансплантираат – наведува Јолески.
Билјана Кузмановска, национална координаторка за трансплантации, ни вели дека годинава до јуни се извршени 23 трансплантации од кадавери.
– Тука се и коскените трансплантации, трансплантациите на рожница, на бубрези, срце и на црн дроб. Минатата година се извршени 10 трансплантации на коски, 9 на рожници, 6 на бубрези, две на црн дроб. Бројот на бубрежни трансплантации не се намалува, туку може да флуктуира од година во година. Но, минатата година, и покрај комплетното реновирање на Клиниката за урологија, имавме 4 трансплантации од жив и 6 од починат донор. Годинава, досега имаме 5 од жив и 3 од починат донор – објаснува Кузмановска во изјавата за весникот ВЕЧЕР.
Таа додава дека нема регионални центри за кома во Македонија, односно, таквите пациенти кои треба да се лекуваат во кома-центар се лекуваат на Универзитетската клиника за Неврохириргија во клинички центар „Мајка Тереза“ и во ГОБ „8 Септември“.
– За популацијата во Македонија, два центри за лекување на пациенти на респиратор, според меѓународни стандарди, е реална бројка. Во овој период, преку Министерството за здравство водиме интензивна кампања за стимулирање на органодарителството како еден исклучително хуман и великодушен чин. Со него, се спасуваат многу животи, со едно „да“, со дарување органи, можеме да им помогнеме на многу луѓе на кои тоа им е единствениот спас. Ние сме многу благодарни до многу семејства кои одлучиле да ги донираат органите на своите блиски и со тоа им помогнале на други луѓе – нагласи Кузмановска. (Б. Ѓ.)
Со законските измени, ќе доминира личната волја
Националната координаторка за трансплантација, д-р Билјана Кузмановска, вели дека предложените законски промени со кои граѓаните ќе можат кај својот матичен лекар да потпишат изјава за согласност за органодарителство, можат многу да помогнат.
– Штом законот помине во собраниска процедура, ќе се донесат подзаконските акти и со нивно носење, оваа можност ќе стапи на сила. Секако дека е очекувано да се зголеми бројот на органодарувања бидејќи секој што го сака тоа, самиот ќе се изјасни. Така, кога ќе дојдеме во ситуација да разговараме со семејството, сепак да доминира волјата на починатиот, а не волјата на други луѓе. Нема ништо поблагодарно и поблагородно од тоа да се спаси човечки живот во момент кога еден човечки живот згаснува – нагласи Кузмановска.








