СВР Куманово поднесе кривични пријави против двајца 52-годишни жители на Куманово поради сомнежи за уништување на заштитено културно наследство, бесправно градење, узурпација на државно земјиште и несовесно работење во службата.
Според информациите од полицијата, првопријавениот во текот на 2023 година ја урнал куќата на која била поставена спомен-плоча на народниот херој Киро Нацев Фетак. Објектот бил евидентиран како заштитено културно наследство и се наоѓал во регистарот на спомен-обележја на Општина Куманово.
По уривањето, на истата локација тој како инвеститор изградил објект од втора категорија без да обезбеди одобрение за градење од надлежниот општински сектор за урбанизам. Дополнително, според пријавата, објектот бил изграден на земјиште во државна сопственост.
Втората пријавена, која во тоа време работела како овластен градежен инспектор, се сомничи за несовесно работење во службата. Според наводите, таа донела решение врз основа на нецелосно и неточно утврдена фактичка состојба, иако била должна целосно да ја провери состојбата на терен.
Надлежните институции ќе ги утврдуваат сите околности поврзани со случајот во понатамошната постапка.








