На социјалните мрежи се појави нова снимка од инцидентот на аеродромот во Сплит, каде што авион на Croatia Airlines излета од пистата при прекинато полетување кон Франкфурт.
Инцидентот се случил во саботата, 16 мај, околу 13:35 часот, на аеродромот „Свети Јероним“ во Сплит. Станува збор за авион Airbus A220-300, со регистрација 9A-CAN, кој требало да го реализира редовниот меѓународен лет OU412 од Сплит до Франкфурт.
Во авионот имало 130 патници и пет членови на екипажот, меѓу кои двајца пилоти и тројца членови на кабинскиот персонал. Сите патници и членови на екипажот биле безбедно евакуирани, а повредени нема.
Според првичните информации, екипажот го прекинал полетувањето во согласност со безбедносните процедури. По сопирањето, еден од тркалата на стојниот трап излегол од асфалтираната површина на пистата и завршил на тревната површина покрај неа.
Хрватската агенција за истражување несреќи го класифицираше случајот како сериозна незгода и отвори безбедносна истрага. Од агенцијата наведуваат дека теренскиот дел од увидот е завршен, но техничките анализи допрва треба да покажат зошто авионот скршнал од правецот при полетувањето.
Истражителите ги презеле снимачот на разговорите во пилотската кабина и податоците од летот, кои треба да помогнат во утврдувањето на причините. Засега нема официјална потврда дали инцидентот е последица на технички проблем, временски услови, состојба на пистата или друг фактор.
На авионот била причинета помала материјална штета, а по инцидентот сообраќајот на аеродромот во Сплит бил привремено прекинат. Дел од летовите биле одложени или пренасочени, а аеродромот повторно продолжил со работа откако авионот бил отстранет од пистата.
Новата снимка што се прошири на социјалните мрежи го прикажува моментот на нагло сопирање и излегување на авионот од пистата. Хрватските воздухопловни власти предупредуваат дека конечната причина ќе биде позната дури по завршувањето на истрагата.








