За денеска попладне во Скопје е закажан втор протест на студентите Албанци, кои бараат правосудниот испит да може да се полага и на албански јазик.
Студентите добија поддршка од политички претставници од албанскиот политички блок, како и од функционери од Албанија и од Косово.
Од владејачката партија ВРЕДИ порачуваат дека го почитуваат правото на протест и самото барање на студентите, но се против, како што велат, обидите на ДУИ да го инструментализира протестот за политички цели и да го користи како покритие за сопствените години на неуспех.
Од таму додаваат дека на прашањето се пристапува со сериозност и одговорност и дека веќе се работи на негово законско решавање.
Премиерот Христијан Мицкоски претходно изјави дека Владата подготвува законско решение кое би овозможило правосудниот испит да се полага и на албански јазик, апелирајќи до студентите да имаат трпение и да не дозволат протестот да биде политички злоупотребен.
Првиот протест на оваа тема беше одржан пред околу еден месец пред Министерството за правда и пред Владата.








