Поранешните претседатели на Македонија по завршување на мандатите најчесто се повлекуваат од директната политика, но нивната јавна активност значително варира – од целосна тишина, до работа преку фондации и настапи на меѓународни форуми.
Со порака за достапност и блискост до граѓаните, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова вчера ја отвори Народната канцеларија на претседателот во Скопје. Таа истакна дека новото катче е создадено за да биде отворено место за сите – младите, возрасните и пензионерите – каде што ќе се развиваат дијалог, дебата и демократска култура, а најави дека вакви канцеларии ќе се отвораат и во други градови. Прашана за тоа дали и поранешните претседатели на државата треба да бидат повеќе активни во јавноста и да имаат контакт со граѓаните, Сиљановска-Давкова посочи дека со заминувањето од функцијата, активностите на поранешните шефови на држави не треба да престанат.
– Знам дека некои од нив остануваат активни, знам сигурно дека се активни во меѓународните односи. Знам дека овде имаат некои проекти како Школа за млади лидери, чинам дека и господинот Пендаровски исто така има еден проект којшто е врзан за младите. Немам непосреден увид во нивната работа, а би сакала да ги чујам, дури на почетокот се обидов и со една таква иницијатива. Би било убаво да има една тркалезна маса на бивши претседатели каде што ќе може да се советуваме за состојбите со кои се соочуваме и за решенијата на одредени проблеми – рече претседателката.
Каде се и што прават бившите претседатели
Поранешните претседатели на Македонија по завршување на мандатите најчесто се повлекуваат од директната политика, но нивната јавна активност значително варира – од целосна тишина, до работа преку фондации и настапи на меѓународни форуми.
Бранко Црвенковски денес е целосно повлечен од политичкиот живот. Тој нема партиска функција, не се појавува во медиуми, не држи говори и ретко учествува дури и на неформални јавни настани. Во јавноста е присутен само повремено, најчесто преку неформални, приватни средби. Неговиот последен позначаен јавен настап беше во 2021 година на научен собир во МАНУ по повод 30 години независност, а во 2016 година реагираше и со отворено писмо до тогашниот претседател Ѓорге Иванов во врска со аболицијата во политичката криза. Повремено учествуваше и на регионални дебати, како Подгоричкиот клуб на Копаоник форумот, каде зборуваше и за Преспанскиот договор, нагласувајќи дека бил неопходен, но политички и општествено болен процес.
Ѓорге Иванов, за разлика од него, останува активен преку меѓународни форуми и сопствената Школа за млади лидери, која повеќе од една деценија обучува млади од земјата и регионот. Најнов негов јавен настап беше во мај 2026 година во Истанбул, каде што учествуваше на 29. Евроазиски економски самит организиран од Фондацијата „Мармара“. Во февруари 2026 година беше во Нови Сад како почесен гостин на промоцијата на стратегијата на Националниот совет на македонското малцинство во Србија.
Претходно, во јануари 2026 година, Иванов настапи и во британскиот Парламент во Лондон на меѓународен симпозиум за културна дипломатија организиран од Институтот за културна дипломатија и Шкотскиот форум. Иванов има своја официјална веб-страница каде што ја информира јавноста за своите проекти и активности.
Стево Пендаровски по завршувањето на мандатот исто така остана активен, најмногу преку својот Претседателски центар, кој во 2026 година го започна проектот „Ехо на демократијата“, насочен кон демократија, млади и регионална соработка. Тој учествува на јавни трибини и дебати, а во јавноста беа забележани и негови критички ставови кон политичките состојби и партиските стратегии. Пендаровски продолжува со јавни анализи за безбедност, геополитика и евроатлантски интеграции, теми по кои е активен и како универзитетски професор и како политички аналитичар. Во јавноста имаше реакции по неговите критики кон состојбите во СДСМ.
Неколку медиуми во април 2026 објавија дека Пендаровски упатил сериозни забелешки за стратегијата на партијата и дека постојат шпекулации за можна нова политичка иницијатива околу него.
Наследството на Глигоров и Трајковски
Наследството на поранешните претседатели Киро Глигоров и Борис Трајковски го продолжуваат нивните фондации. Фондацијата „Киро Глигоров“ е главно архивски и меморијален проект кој се занимава со зачувување на неговото државничко наследство. Во пракса, тоа значи собирање и чување документи, објавување материјали поврзани со неговиот живот и работа, како и повремено одбележување на значајни датуми поврзани со него. Нема впечатлива јавна кампања ниту континуирани проекти насочени кон младите или меѓународна активност, па затоа и не се перципира како „жива“ фондација во секојдневна смисла.
Наспроти тоа, Фондацијата „Борис Трајковски“ е значително поактивна. Таа не се ограничува само на зачувување на сеќавањето на поранешниот претседател, туку активно работи на промоција на неговите вредности – мир, меѓурелигиски дијалог и меѓународна соработка. Преку различни младински програми, конференции и едукативни активности, фондацијата се обидува да ја продолжи неговата идеја за Македонија како отворена и дијалошка држава. Во таа смисла, таа е многу пооперативна, со јасни проекти и редовна активност, а има и функционална веб-страница преку која се комуницира со јавноста.
Законски привилегии
Со закон, поранешните претседатели имаат право на месечен надомест, канцеларија, персонал, обезбедување и службен превоз. Во пракса, сите поранешни претседатели формално ги имаат овие права, но нивното користење се разликува. Пендаровски делумно се откажа од дел од бенефициите, односно јавно се откажа од претседателската пензија. Иванов ги користи најцелосно, додека Црвенковски формално ги има, но реално останува целосно повлечен од јавниот и институционалниот живот.
Во повеќе наврати различни политички партии (најчесто опозициски или антикорупциски ориентирани) поднесувале предлози за укинување на доживотната претседателска пензија, намалување или ограничување на канцеларии и службени трошоци и скратување на траењето на привилегиите. Овие предлози најчесто беа оправдувани со аргумент дека државата е мала и со ограничен буџет, трошоците за поранешните претседатели се високи и нема јасен временски лимит за привилегиите.
И покрај иницијативите, ниту еден предлог за целосно укинување досега не бил усвоен, дел од нив воопшто не стигнувале до финално гласање, а дел биле одбиени поради политички несогласувања.








