Xiaomi објави HyperOS ажурирање за неколку постари Xiaomi, Redmi и Poco телефони кои веќе се наоѓаат на EOL листата.
Xiaomi неочекувано објави HyperOS ажурирања за смартфони на кои веќе им е истечена поддршката. Ваквите ситуации се прилично ретки, па новото ажурирање за повеќе Xiaomi, Redmi и Poco модели привлече внимание, иако не носи големи функционални промени.
Кога некој уред ќе се најде на EOL листата, односно листата на уреди на кои им е завршен животниот циклус на поддршка, тоа обично значи дека повеќе нема да добива софтверски ажурирања. Тоа вклучува големи надградби на оперативниот систем, но и редовни безбедносни закрпи. Сепак, Xiaomi и претходно знаеше да направи исклучок кога ќе се појават сериозни проблеми што можат да влијаат врз стабилноста или безбедноста на уредот.

HyperOS ажурирањето пристигнува поради критични проблеми
Новите HyperOS ажурирања сега пристигнуваат на неколку модели кои веќе излегоа од редовниот циклус на поддршка. Меѓу нив се Xiaomi 11i, Xiaomi 12, Xiaomi 12 Pro, Redmi K60e, Redmi Note 11 Pro+, Poco F4 и Poco F4 GT. Според достапните информации, целта на ажурирањето е решавање на критични проблеми и подобрување на целокупната стабилност на системот, а не додавање нови функции.
Корисниците на овие телефони можат да ја проверат достапноста на ажурирањето преку апликацијата Settings. Препораката е инсталацијата да се изврши веднаш штом ќе се појави новата верзија, бидејќи Xiaomi вакви пакети за EOL уреди најчесто објавува само кога постои валидна причина.
Иако е позитивно што Xiaomi не ги остава постарите телефони целосно без реакција во случај на сериозни грешки, тоа не го менува нивниот основен статус. Овие модели и понатаму не добиваат редовни безбедносни закрпи, нови HyperOS функции и најнови безбедносни механизми кои пристигнуваат со актуелните верзии на системот.
Поради тоа, ваквото ажурирање треба да се гледа како вонредна интервенција, а не како враќање на целосната поддршка. За корисниците на кои им се важни долгорочната безбедност, стабилноста и пристапот до нови функции, преминот на понов телефон со подолг софтверски циклус останува посигурно решение.
Konekt.mk








