Откако во петокот излезе информацијата дека актуелниот градоначалник на Карпош, Сотир Лукровски по само шест месеци владеење со општината сака да се повлече од функцијата и дека во моментот користи боледување, на површина излегоа сите случувања во оваа скопска општина во последните месеци.
Ваквиот муабет се врти веќе некое време, дека актуелниот градоначалник не потпишува никаква документи кои можат да отворат лична кривична одговорност поврзана со новоградби, легализација на дивоградби, финансиски трансфери и фаворизирање на фирми. Но, се врти и муабетот дека сака да си замине од функцијата, но од ВМРО-ДПМНЕ не му даваат зелено светло.
Според нашите информации, на бирото го чекале куп документи кои требало да се потпишат и тоа банални за да може да функционира општината, кои тој воопшто не ги потпишал.
Во тие документи се и одобренијата за изградба на куќи и згради, кои откако ќе ја поминат целата процедура и откако ќе бидат платени комуналии, од кои 60 посто на Град Скопје и 40 посто во општината кај што градат, во рок од пет дена треба да поминат на потпис кај градоначалникот. Скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски веќе потпишал, но чекале за потпис кај Лукровски.
Нашите извори тврдат дека тоа не се случило, па повеќе од 20 такви предмети чекале на биро во општината. Според информациите со кои располага „Фокус“ револтот кај граѓаните е голем, па муабетот одел и во таа насока дека сакале да поднесат и колективна тужба за општината.
Веќе имало покрената иницијатива од неколку сопственици кои имаат платено комуналии и сите институции поминале и го одобриле проектот, за да тужат, иако првично треба да се жалат во Министерство за транспорт и врски и Управен суд.
Дел од нив во неколку наврати оделе и го молеле, но тој никако не се согласувал да стави свој потпис на документите, за што постапката за издавање одобрение за градење е јасна, но Лукровски не ја почитувал.
„Доколку доставената или дополнета документација е комплетна и се исполнети условите од ставот 8 на овој член и добиено е позитивно мислење, односно согласност од стана на субјектите од член 58 од овој закон до кои е доставено барање за увид во основниот проект, надлежниот орган е должен во рок од два дена комплетирањето на документацијата или од приемот на позитивното мислење, односно согласност да го завери основниот проект и да достави до барателот известување со пресметка за плаќање на надоместок за уредување на градежно земјиште.
Одобрението за градење се издава во рок од пет работни денови од доставувањето на доказ за платен надоместок за уредување на градежно земјиште“, се наведува во Законот за градење.








