Заврши изградбата на продолжението на булеварот „Благоја Тоска“, од кружниот тек кај касарната „Кузман Јосифоски-Питу“, до регионалниот пат Тетово – Јажинце, каде што е изграден и нов кружен тек.
Општина Тетово одржа настан за промоција на новиот сегмент на булеварот „Благоја Тоска“, кој е со должина од 557 метри.
– Конечно, по многу подеми и падови и многу предизвици, оваа важна патна оска на Тетово се завршува со прекрасен проект, кој ќе им служи не само на жителите на ова подрачје туку и на сите граѓани на Тетово и на сите оние што ќе поминат низ Тетово за да одат кон Општина Теарце или дури и кон Република Косово – истакна градоначалникот на Општина Тетово, Биљал Касами.
За да се изгради новата делница на булеварот се потрошени околу 400 илјади евра.








