домаМакедонијаСе готви ребаланс на Буџетот, Димитриеска-Кочоска ги почна состаноците со ресорните министри

Се готви ребаланс на Буџетот, Димитриеска-Кочоска ги почна состаноците со ресорните министри

- Advertisement -spot_img

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска преку објава на социјалните мрежи информира дека денеска ги започнала состаноците со ресорните министри за подготовка на ребаланс на Буџетот за 2026 година.

Прв на средба со Димитриеска-Кочоска денеска бил министерот за здравство Азир Алиу, што може да се заклучи од фотографиите што ресорната министерка ги сподели во објавата на нејзиниот официјален фејсбук-профил.

Новото прекројување на државната каса, според наведеното од министерката, меѓу другото, во најголем дел се должи на последиците што по глобалната економија го имаат случувањата на Блискиот Исток, односно американско-израелската војна против Иран.

„Во време на сериозна глобална неизвесност, предизвикана од геополитичките случувања и војната на Блискиот Исток, сите економии – вклучително и македонската – се соочуваат со предизвици поврзани со енергетските текови, инфлацијата и забавувањето на глобалниот економски раст“, пишува Димитриеска-Кочоска.

Затоа, вели таа, остануваат посветени на одговорно и дисциплинирано управување со јавните финансии, со фокус на зачувување на макроекономската стабилност, поддршка на економскиот раст и реализација на капитални инвестиции.

Ребалансот, според Димитриеска-Кочоска, ќе биде подготвен согласно среднорочната фискална рамка и стратешките приоритети на Владата – стабилни јавни финансии, фискална консолидација, инфраструктурен развој, енергетска транзиција и подобар животен стандард за граѓаните.

„Продолжуваме со внимателно планирање и одговорни политики кои ќе обезбедат стабилност, отпорност и одржлив развој на македонската економија. Наш фокус останува заштитата на животниот стандард на граѓаните преку внимателно креирани мерки, стабилни јавни финансии и политики што ќе обезбедат поддршка за економијата во услови на глобална неизвесност“, вели министерката за финансии во објавата.

Буџетот за 2026 година Собранието го донесе лани на 10 декември. Тој изнесува 6,7 милијарди евра и во него растот на БДП е проектиран на 3,8 проценти, а инфлацијата на 2,5 проценти.

Иако, владата секоја година врши корекција на буџетот во текот на летото, оваа година подготовките за ребаланс на државната каса почнаа порано, што значи дека може да се очекува тој и порано да биде направен.

Причината може да се насети во прогнозите за домашната економија, која, според новата фискална стратегија, која е веќе стигната во Собранието, и кои се полоши во однос на оние проектирани во Буџетот за 2026 г.

Така наместо планираните 3,8 отсто раст, македонската економија годинава се очекува да испорача 3,5 отсто, додека инфлацијата наместо 2,5 проценти, годинава се очекува да биде 4,5 отсто.

- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404фановикако
61,453претплатницисе претплатите
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img