Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска соопшти дека започнале состаноците со ресорните министри за подготовка на ребалансот на Буџетот за 2026 година.
Таа посочи дека процесот се одвива во услови на сериозна глобална неизвесност, предизвикана од геополитичките случувања и војната на Блискиот Исток, кои, како што рече, влијаат врз енергетските текови, инфлацијата и забавувањето на светскиот економски раст.
„Остануваме посветени на одговорно и дисциплинирано управување со јавните финансии, со јасен фокус на зачувување на макроекономската стабилност, поддршка на економскиот раст и реализација на капиталните инвестиции“, истакна Димитриеска-Кочоска.
Таа додаде дека ребалансот ќе биде подготвен согласно среднорочната фискална рамка и стратешките приоритети на Владата, кои вклучуваат стабилни јавни финансии, фискална консолидација, инфраструктурен развој, енергетска транзиција и подобрување на животниот стандард.
Според министерката, фокусот останува на внимателно планирање и политики што ќе обезбедат стабилност, отпорност и одржлив развој на македонската економија, како и заштита на стандардот на граѓаните во услови на глобални предизвици.








