Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, му честиташе на Петер Маѓар кој денеска положи заклетва и стана нов премиер на Унгарија, ставајќи крај на 16-годишното автократско владеење на Виктор Орбан.
Во честитката на платформата Х се вели:
„Честитки до новиот премиер Петер Маѓар и до целиот унгарски народ!
На Денот на Европа, Унгарија доби демократска влада.
По 16 години криминал, корупција, автократска власт и гушење на слободата под режимот на Виктор Орбан, Унгарија конечно доби шанса за нов почеток и слобода.
Иако нашите партии не се од иста идеологија, нè спојува демократијата и заедничката борба против автократските режими.
Вие и вашата партија Тиса ја ослободивте Унгарија од авторитарниот и корумпиран режим, ѝ го вративте достоинството, го отворивте патот кон вистинска демократија и ја вративте надежта на своите граѓани.
Ние во Македонија водиме иста борба. Како и вие, се спротивставуваме на истиот тип на корумпиран, авторитарен и антиевропски модел на власт.
Како и вие, веруваме дека промената е возможна и дека никој не смее да биде над законот.
Се надеваме дека овој ден на радост и промена наскоро ќе дојде и во Северна Македонија – денот кога сите оние кои ја злоупотребуваа власта, ја крадеа државата и ја туркаа Македонија во изолација, ќе одговараат пред лицето на правдата.
Ние веруваме во демократија во која институциите работат за граѓаните, а не за една партија.
Веруваме во Европа како заедница на вредности, а не како закана.
Веруваме во вистинските вредности – слобода, правда и почит кон човековите права.
Веруваме дека вистината мора да победи над лагите и пропагандата.
Веруваме во слободни медиуми кои информираат, а не кои служат на власта.
И веруваме во слободен говор без страв од репресија.
Нека вашата победа биде инспирација за сите нас кои се бориме за слободна, демократска и европска иднина.
Нека нашите земји во блиска иднина ги поврзува пријателството и соработката, а не корупцијата и медиуми за ширење пропаганда во служба на криминални групи.
Слободна Унгарија – слободна Македонија!
Во свое име и во името на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија ви посакувам успех во работата како премиер.
Да живее Европа!








