Спорни конкурси, сомнителни избори, како и тарифници кои достигнуваат и до 50.000 евра за избор на звање нотар – ова се само дел од обвинувањата упатени на сметка на Министерството за правда и министерот Игор Филков, кои Билјана Јовановска од политичката партија Десница ги изнесе за време на отвореното студио на Телевизија 24.
Јовановска го повика министерот Филков да се одважи и да одговори дали нејзините наводи се вистинити.
Министерството за правда ги демантира обвинувањата, оценувајќи ги како неточни и неосновани шпекулации насочени кон дискредитација на институцијата. Оттаму нагласуваат дека во изминатите две години не е именуван ниту еден нотар, што, според нив, дополнително ја потврдува невистинитоста на тврдењата.
„Министерството за правда не се впушта во коментирање на неточни и неосновани шпекулации од страна на одредени лица. Ваквите изјави повлекуваат и граѓанска одговорност за клевета и навреда. Сметаме дека истите имаат за цел да ја дискредитираат работата на Министерството за правда а во насока на креирање на недоверба и заблуда кај граѓаните и пошироката јавност. Дополнително, ве информираме Министерството за правда во изминатите две години нема извршено именување на ниту еден нотар, што дополнително ја потврдува неверодостојноста на изнесените тврдења за однапред договорени избори“, велат од правда.
Инаку, покрај овие обвинувања, Јовановска дополнително тврди дека во рамки на институцијата се овозможуваат привилегии за одредени правници кои аплицираат за нотарски лиценци, додека други кандидати, според неа, се маргинализираат, за што и за тоа има демант од правда.








