Во пресрет на Меѓународниот ден на трудот, претседателот на Сојузот на синдикатите на македонија Слободан Трендафилов, испрати отворено писмо до работниците, во кое се нагласува дека трудот во Македонија и понатаму не се вреднува ниту се плаќа достоинствено.
Наместо празнична атмосфера, пораката е јасна – 1 Мај треба да биде ден на протест, а не на прослава, се вели во писмото.
Во писмото се потсетува на историската борба на работниците од 1886 година во Чикаго, кога со протести бил извојуван осумчасовниот работен ден. Но, според синдикатите, реалноста денес е поразителна – голем број работници повторно работат и по 12 часа дневно, често без соодветен надомест.
Се укажува и на сериозни проблеми со безбедноста на работните места, при што дел од работниците секојдневно заминуваат на работа без сигурност дека ќе се вратат дома безбедно. Дополнително, се предупредува дека постои ризик од укинување на колективните договори, што би значело уназадување на веќе стекнатите работнички права.
Синдикатот ја обвинува власта и работодавачите за игнорантски однос, посочувајќи дека Македонија има една од најниските минимални и просечни плати во регионот и Европа. Во такви услови, се вели, работниците се оставени сами да се справуваат со ниските примања, небезбедните услови и недостоинствениот третман.
Во писмото се критикува и пасивноста кај дел од работниците, со порака дека никој друг нема да се избори за нивните права ако тие самите не се вклучат. Иако дел од граѓаните ќе го искористат продолжениот викенд за одмор, синдикатот предупредува дека проблемите остануваат исти и по празникот.
На 1 Ви Мај, ние од ССМ, повторно ќе протестираме, како што протестиравме во јануари и во март, ќе протестираме за секој еден од Вас кој се плаши, за секој еден од Вас на кој му се закануваат, за секој еден од Вас кој ќе замине на викенд, за секој еден од Вас што на 1 ви Мај ќе работи, ќе протестираме дури и за оние кои се дома, а нема да излезат на протест и ќе не гледаат од прозорите и од балконите, но ќе протестираме дури и само ако еден работник дојде со нас и го побара тоа од нас.
Посебен акцент во писмото се става на улогата на синдикатите, при што се прави разлика меѓу оние што активно се борат за работничките права и т.н. „жолти синдикати“ кои, според авторите, не преземаат никакви конкретни чекори.
Сојузот на синдикатите потенцира дека протест на 1 Мај е и за оние што ќе се приклучат, и за оние што ќе останат дома. Пораката е дека борбата за работнички права не се води еден ден, туку континуирано, но дека токму масовноста е клучна за промени.
„Еден работник може малку, но заедно работниците можат сè“, се наведува во пораката, со повик за солидарност и поголема мобилизација.
Со ова, синдикатот ја заокружува пораката: 1 Мај не е само симболика, туку потсетник дека борбата за достоинствен труд сè уште трае.








