Неочекувани снежни врнежи денеска се забележани на планинскиот премин Стража, како и на граничниот премин Деве Баир, што изненади возачи и патници на само еден ден пред Први мај.
Од УХМР информираат дека времето во текот на денот ќе биде облачно со повремени врнежи од дожд. Поради продор на постудена воздушна маса од север, на повисоките планини постои можност дождот да преминува во слаб снег.
До крајот на денот се очекува постепено намалување на врнежите и расчистување на облачноста, а во текот на ноќта поголемиот дел од земјата ќе има ведро време. Ќе дува слаб до умерен, а повремено и засилен северен ветер.
Властите апелираат на внимателно возење, особено во планинските региони, каде условите можат брзо да се менуваат.








