Екипата на Башкими, по поразот од Струга Трим Лум и суспензијата на стадионот во Куманово, сега се соочува со тешка борба за бегство од зоната на баражот. Сепак, распоредот не оди во прилог на кумановци, бидејќи ќе ги одмерат силите со екипите кои се борат за шампионската титула – Шкендија и Вардар.
Според Мухарем Мислими, денешниот натпревар во Тетово, против Шкендија е вистинска „борба на гладијатори“ кои имаат дијаметрално спротивни цели.
„Натпреварот во Тетово ќе биде најтешкиот за нас оваа сезона, бидејќи играме против екипа за која победата е императив. Со отсуството на двајцата централни дефанзивци и капитенот Арменд Алими поради картони, оваа средба за нас е мисија која, доколку успешно ја завршиме, со златни букви ќе биде запишана во клупските анали. Очекувам гладијаторска борба – едната страна се бори за титула, а другата за спас од баражот“, изјави меѓу другото Мислими.
Во досегашните 15 меѓусебни пресметки меѓу овие две екипи, поуспешна е Шкендија со вкупно 8 победи. Трипати славеше екипата на Башкими, додека 4 натпревари завршија нерешено. Оваа сезона „црвено-црните“ од Тетово доминираа во двата претходни дуели (победа од 5-1 во Тетово и 3-1 во Куманово) и во денешниот натпревар влегуваат како апсолутни фаворити. Натпреварот Шкендија-Башкими, ќе се игра на градскиот стадион во Тетово, со почеток во 16.00.








