Пристапната инфраструктура останува проблем за лицата со телесен инвалидитет. Дел од јавните институции, установи, тротоарите во Куманово, сè уште не се адаптирани за лицата кои се движат со ортопедски помагала, слабовидните или слепите.
Пристапни рампи, спуштени рабници недостигаат и во дел од училиштата. Општината пред некоја година почна да ги приспособува тротоарите. Но, постапката запре, бидејќи на тој начин се уништувала постоечката инфраструктура.
Од општината свесни за архитектонски бариери со коишто се соочуваат овие лица. Но велат недостигаат средства за целосна адаптација на постојната инфраструктура.
„Да спуштите еден тротоар на раскрсница треба да раскопате од осум страни и тоа што веќе го има изградено и постои, а е дотраено треба да го уништите, за да можете да обезбедите такви дополнителни рампи за пристап, кои може да бидат функционални но визуелно за жал не изгледаат убаво. Со овие расположливи средства само сме во можност да градиме вакви пристапни тротоари, рампи за лицата со инвалидитет во дел на изградба на нова инфраструктура впрочем што и правиме“, истакна градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски.
Здруженијата за заштита на правата на лицата со попреченост со години бараат да се урнат бариерите. Државните институции укажаа треба да бидат први кои го направат чекорот и ќе покажат дека овие лица не се граѓани од втор ред.








