Предлог законот, пратениците да имаат само државјанство на Македонија го мина првиот собраниски филтер и е изгласан да стане точка на дневниот ред на тековната собраниска седница. Освен ДУИ кои јавно беа против, сите останати беа за предлогот на група пратеници на владеачката коалиција, во која стои дека пратеник мора „да е државјанин само на Република Северна Македонија“. Антонио Милошоски го обрaзложи предлогот и упати порака до оние кои обвинуваат дека има пратеници со двојно државјанство.
„Сметаме дека ваквиот начин на подигнување на критериумите ќе ја зголеми и лојалноста не само кон Собранието туку и кон државата. Во однос на политичките шпекулации ние како петмина потпишани пратеници кои што го поднесуваме овој закон секој оној кој што смета дека било кој од нас поседува било какво друго државјанство го повикуваме да излезе надвор од говорницата, да изнесе такво тврдење и потоа преку судска постапка да го докаже истото или да се соочи со пресуда за лажење и клевета“ , рече Антонио Милошоски, пратеник од ВМРО ДПМНЕ.
Опозиционата СДСМ не беше против, оцени дека станува збор за маркетинг потег на власта, а партискиот лидер Филипче побара- условот едно државјанство да важи и за сите функционери, министри и директори од извршната власт.
„ Овој закон ќе го поддржиме и амандмански ќе интервенираме за јасно, точно во членови, предони и завршни одредби ќе пишува дека тие критериуми ќе важат и за актуелниот пратенички состав. И сите пратеници ќе треба да дадат соодветна изјава под соодветна одговорност дека немаат и друго државјанство. Во истовреме ќе подготвиме закон тоа да важи и за сите избрани и именувани функционери – да имаат само едно македонско државјанство“, изјави Венко Филипче претседател на СДСМ.
ДУИ пак беше против предлогот на власта, а прифатен од најголемиот дел од опозицијата.
„Ние сметаме како законот за пратеници така и законот за влада би требало да бидат третирани во Комитетот за односи меѓу заедниците и таму да се одлучува како за нив би требало да се гласа“, изјави Арбана Пашоли, координатор на пратеничката група на ДУИ.
Предлогот законот е во скратена постапка и има само 4 члена. Продолжува на расправа во Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците.








