Портпаролот на Министерството за надворешни работи на Иран, Есмаил Багеи, денес изјави дека во моментов нема план за нова рунда преговори со Соединетите Американски Држави.
Багеи на прес-конференцијата изјави дека САД не покажале дека се „сериозни“ во врска со продолжувањето на дипломатскиот процес, но дека, како што рече, преземаат агресивни чекори и ги кршат условите на прекинот на огнот.
Тој истакна дека отстранувањето на нуклеарните залихи од Иран „никогаш не било опција во преговорите“ и дека официјалниот став на Техеран е да ги зачува нуклеарните достигнувања на територијата на Иран, пренесува Ројтерс.
Багеи, исто така, оцени дека не е можно еднострано нормализирање на сообраќајот во Ормускиот теснец поради, како што изјави, воената ситуација, американското кршење на прекинот на огнот и заканите за иранските пристаништа и бродови.
Тој додаде дека Иран не прифаќа рокови или ултиматуми кога станува збор за заштита на националните интереси, како и дека Техеран јасно ги искажал своите барања и нема да ги промени.
Тој, исто така, оцени дека предлозите на САД се „несериозни“, а нивните барања се „нереални“, пренесува Танјуг.








