Новите спецификации на T1 Phone од Trump Mobile во голема мера потсетуваат на моделот HTC U24 Pro, што не би било проблем доколку тој телефон не беше претставен уште во 2024 година.
T1 Phone од Trump Mobile би можел наскоро да пристигне на пазарот, откако на официјалните страници на операторот беа објавени ажурирани спецификации и нови рендери од уредот.
Имено, новите рендери прикажуваат генерички дизајн, со американско знаме и ознаки на Trump Mobile на задната страна. Во центарот на задниот дел се наоѓа овален модул за камера со три сензори и дополнително брендирање од производителот. Очигледно е дека во секој момент треба да се знае дека станува збор за Trump Mobile.
Што се однесува до спецификациите, новите информации наведуваат дека T1 Phone ќе има 6,78-инчен AMOLED екран со стапка на освежување од 120 Hz, што е значително зголемување во однос на претходно спомнатиот 6,25-инчен екран, поради кој телефонот беше вбројуван во компактна категорија. Предната камера би требало да има 50 MP, додека уредот ќе работи со SoC од серијата Snapdragon 7 на Qualcomm.
На задната страна се наоѓа главна камера од 50 MP, заедно со дополнителен телефото сензор од 50 MP со 2x оптички зум, како и ултраширока камера од 8 MP. Телефонот би требало да има батерија со капацитет од 5.000 mAh со поддршка за 30 W полнење, а ќе работи на веќе две години стариот Android 15.
Интересно е што објавените спецификации во голема мера потсетуваат на моделот HTC U24 Pro од 2024 година. Ваквите сличности често укажуваат на користење на ODM (Original Design Manufacturer) платформа, каде производителите преземаат веќе развиен дизајн и го прилагодуваат на сопствениот бренд. Во тој контекст, Trump Mobile би можел да цели кон побрзо излегување на пазарот и пониски трошоци за развој, потпирајќи се на проверен хардвер со минимални измени во дизајнот и софтверот.
Иако тоа не мора нужно да биде лошо, бидејќи станува збор за солидна хардверска основа, ваквиот пристап може да ја отежни диференцијацијата на пазарот, особено во ценовниот сегмент од околу 500 долари, каде конкуренцијата веќе нуди технолошки понапредни уреди. Почетната цена на T1 Phone би требало да изнесува 499 долари, но засега нема информации за точниот датум на почеток на продажбата.
Избор: Konekt.mk








