Традицијата продолжува. На третиот ден Велигден, во Миравци, едно од најубавите македонски населени места, убаво не само поради природните убавини туку и поради питомите, убави, горди и, пред сè, гостопримливи миравчани, ќе се одржи фолклорната манифестација „Ѓура Мара“. И оваа година, како што милуваме да кажеме, сите правци ќе водат кон Миравци. Од памтивек, па сè до денешни дни, секој миравчанец, каде и да е, на третиот ден од воскресението Христово си доаѓа во Миравци, да биде со своите најблиски, на своето родно огниште, да им оддаде почит на постарите и да им ги покаже корените на своите помлади поколенија.
Организатор на оваа преубава манифестација е едно од најстарите културно-уметнички друштва во Македонија, КУД „Танец“ – Миравци. За Миравци, оваа манифестација и ова културно-уметничко друштво многу значат. Еве што, во пресрет на уште една „Ѓура Мара“, изјави за ВЕЧЕР претседателот на друштвото, Мицо Јакофовски.
– Без минато – не бидува иднина, без да се твори во сегашноста – не се создава историја. Сè што создаваме како личности, сè што создаваме како народ, го дефинираме со поимот „фолклор“. Македонскиот фолклор, автентичен по својата природа, содржи уникатни елементи и го претставува целокупното духовно творештво на нашиот народ. Ништо во животот не е поважно од својот род, не може да расте едно дрво без својот корен, затоа што коренот нè крепи, нè поттикнува, нè турка во подобра иднина. Тажната приказна за грабнувањето на убавата девојка Мара од страна на турските војници и нејзиното ослободување од братот Ѓуро, вплеткана во оро што го играат само девојките и жените, и на овој трет ден од Велигден ќе неè собере сите нас на платото пред Домот на културата, на зајдисонце, како некогаш, за уште еднаш да се потсетиме на нашето минато, на нашите потомци, да им се препуштиме на сеќавањата, кои ќе ни ги стоплат срцата, и да го продолжиме аманетот што тие, преку ова оро, ни го оставиле нам, на денешната генерација, како една убава традиција.
А, орото „Ѓура Мара“ е специфично. По традиција, него го играат и песните ги пеат само девојки и жени. Орото си има свои чувари, тоа се обично повозрасни жени, кои со стапови, како одбранбени реквизити, ги бранат девојките од несаканите натрапници. Овие постари жени чувари имаат врзано бели марами на главата. Ако се обиде некој од насобраните мажи да се фати на орото, овие жени веднаш го бркаат со стаповите. За да ги прелажат, некои од мажите се обидуваат да се преправат во жени, облекувајќи се во женска носија, но редовно се откривани и бркани. Пред да почне орото, жените ги пеат песните „Кинисала девојка, запросила гугувка“, „Ај да го заиграме плетеното оро“ и „Цуцул пасе говеда“.
Еве што вели за годинашната програма на оваа манифестација потпретседателот на друштвото „Танец“, Бошко Динов:
– И годинава се потрудивме да им понудиме на гостите една убава и разновидна фолклорна вечер. Она што е интересно е дека од Република Хрватска ни доаѓа културно-уметничкото друштво „Живојин Жико Мандиќ“, од градот Кнежеви Виногради, друштво што последен пат гостуваше во Миравци во далечната 1984 година, на снимањето на емисијата „Знање-имање“ за тогашната Југословенска радио-телевизија. Ова ќе биде добра можност повторно да ја обновиме нашата соработка. Покрај нив, ќе имаме можност да ги видиме и членовите на КУД „Грива“ и на КУД „Крушаре“ од Република Грција, како и женската пејачка група „Ѓердан“ од Штип.
За вашите читатели ќе откријам две ексклузивни информации поврзани со орото „Ѓура Мара“ и со нашето друштво „Танец“. Имено, ова друштво е формирано во далечната 1932 година, од страна на двајца сопружници, српски учители во Миравци. Во 1935 година, по победата на тогашниот државен натпревар во фолклор во Љубљана, КУД „Танец“ се стекнало со правото да настапи на меѓународниот фолклорен фестивал во Лондон. Се вратило оттаму со освоеното високо второ место.
Пред извесно време, пак, дојдов до сознание дека преданието за орото „Ѓура Мара“ не е само предание. Имено, во Државниот архив на Македонија постои пишан документ од 1785 година во кој се опишува постоењето на орото, кое го играле тогашните жители на ова населено место. Значи, доколку има пишан документ од тој период, верно е да претпоставиме дека се играло тоа и многу пред оваа година. Но, за сето ова, во некоја наредна пригода – вели Динов.
Па затоа, доколку ве нанесе патот во гевгелискиот крај, за третиот ден од Велигден, не двоумете се многу. Дојдете во Миравци, бидете дел од традицијата. На овој ден, преку препознатливото оро, преку преубавата носија и преку зачуваните обичаи, миравчани испраќаат порака до сите добронамерници што го посетуваат нивното место. Порака за љубов, заемно почитување и помагање. Порака да си го браниме своето, секогаш да бидеме сплотени и да работиме заедно. Исто како што правеле нашите предци пред повеќе од еден век.








