Секоја промена во европскиот консензус ќе ѝ даде право на Бугарија да стави вето на членството на Северна Македонија во Европската Унија, изјави во интервју за БГНЕС европратеникот Илија Лазаров (ГЕРБ-СДС/ЕНП), коментирајќи ги обидите за ревидирање на европските услови за Македонија.
Според него, известувачот во Европскиот парламент, Томас Вајц, дејствува во близок контакт со раководството во Северна Македонија.
„Томас Вајц е целосно под водство на Мицкоски и Муцунски и работи како практикант под нивен диктат. Она што го бараат е секогаш вклучено во неговиот нацрт-документ. Како ќе биде прифатен е друго прашање“, рече Лазаров.
Тој забележа дека минатата година бугарските европратеници успеале да ги блокираат предлозите поврзани со македонскиот јазик и идентитет што, според него, предизвикале смеа во Комисијата за надворешна политика.
„Сите 17 бугарски европратеници потоа работеа едногласно, потпишавме и испративме две писма до Роберт Мекол, до сите колеги во целиот синџир. Бугарската позиција беше разбрана – корекциите не треба да се пропуштат“, рече тој.
Според Лазаров, сега се прави обид да се елиминира вториот протокол, кој е дел од таканаречениот „француски предлог“.
Тој, исто така, го насочи вниманието кон процедуралните аспекти: „Не треба да се заборави дека не само за почеток на преговорите, туку и за финализирање на членството, Северна Македонија е предмет на ратификација од сите земји-членки. И дека секоја држава може да ратификува или да не ратификува.“








